
Асоцијацијата за економско истражување, застапување и донесување економски политики Finance Think Скопје во партнерство со Општина Крушево, го организираше саемот на домашни, традиционални и еколошки производи од Крушево, Домашно е, од Крушево е… во Крушево.
Саемот свечено беше отворен вчера во 12 часот од страна на Валери Колби, одговорна на Секторот за односи со јавност од Амбасадата на САД во Македонија. На саемот беа презентирани и дегустирани домашни, еколошки и традиционални производи од Крушево (домашни тестенини, еколошки џемови и слатка, сирупи и природни чаеви). Беше промовирано видео за економско јакнење на жените од Крушево и веб платформата www.odkrusevo.mk.
Љубителите на кулинарството имаа можност да ги испробаат своите вештини во подготовка на крушевска пита, а останатите љубители на традиционалните вредности уживаа во манифестацијата Крушево Етно град.
Саемот е завршен настан од едногодишниот проект Зајакнување на жените во Крушево преку мини здружување за продажба и промоција на традиционални производи, поддржан од Амбасадата на САД во Скопје, чија цел е да се подобри животниот стандард и намали сиромаштијата на жените во Крушево.
Проектот е пилот модел на социјално претприемништво. Во проектот беа вклучени 25 невработени жени или жени со ниски примања. Активностите вклучуваа: јакнење на капацитетите преку обуки за промоција, пакување и продажба; брендирање на производите и обезбедување амбалажа; здружување; воспоставување канали за продажба и промоција на производите.