Саем на Жена – настан посветен на современата жена

30
DSC03952
Викторија Јордановска, сопственик на Omni Events

Покрај комерцијалниот карактер, Саем на Жена има и едукативен дел, кој му ја дава целата тежина на настанот и којшто го прави различен од било кој друг сличен настан во Македонија. Во текот на тие три дена колку што трае, се одржуваат преку 100 предавања од сите области, на многу, многу теми.

БИ: Како би ни ја опишале Omni Events?

Omni Events е агенција за организација на настани. Постои веќе пет години. Локално организираме настани за клиенти, а имаме и два наши настани. Едниот е Гурман Фест, интернационален фестивал на храна и пијалок што се случува во мај месец на скопскиот плоштад и вториот е Саем на Жена, кој годинава по четврти пат ќе се одржи од 25 до 27 октомври. Покрај локалните настани, организираме и настани надвор од Македонија. Работиме како дел од конзорциум со австриска компанија и организираме настани за Европска Унија насекаде во светот. До сега сме организирале настани во Кенија, Руанда, Индонезија, Гана, Тајланд, неколку во Брисел, сега имаме настан во Гвајана и Киргистан, така да интернационално функционираме многу добро.

Организација на настани ни е основен бизнис, но креативниот процес ни е еден од клучните предности, така што работиме дизајн на сите полиња, од саемски штандови, до лифлети или рекламни кампањи, корпоративни материјали, веб страни, па до дизајн на пакувања.

DSC_0148

БИ: Што се подразбира под организирање на настан?

Под организирање на настан се подразбира целиот процес од осмислување на креативен концепт до негова реализација, дали е тоа отворање на нов објект, нова фабрика или промоција, славење на годишнина, до разни брендирања на објекти и саемски штандови. Работиме се што значи “искуствен” маркетинг, настани кои ги задоволуваат сите сетила на посетителите или учесниците. Под комплетна организација на еден настан спаѓаат активности од типот на креативно осмислување на темата на настанот, дизајн на покани и останати промотивни материјали, декор на просторот, ако треба букирање на авионски летови за гостите, до кетеринг, техничка опрема, комплетно сценарио за настанот, агенда и програма на настанот, музички бендови, забава, буквално се. Клиентот може да продолжи со своите активности, додека ние сме тука да се погрижиме за секој детал околу неговиот успешен настан.

DSC_0186БИ: Вашата агенција е организатор на Саем на Жена. Што подготвувате за оваа година?

Саем на Жена е интерактивен настан, каде на едно место има се што ја интересира една современа жена. Се трудиме да опфатиме што повеќе сегменти од животот на современата жена и секоја година да воведеме новитети. Еден сегмент на Саемот е убавината и опфаќа се што е поврзано со убавината на жената; најнови трендови во козметиката, професионална шминка и фризура, нокти, најнови техники и методи во естетската хирургија и се она што подразбира надворешна убавина и разубавување. Во тој дел имаме сцена за преобразба (make over) и на таа сцена имаме презентации на познати стилисти, но и на непознати, стилисти во подем, кои презентираат шминка “пред и потоа”, ги учат присутните во публиката на техники на шминкање, се прават фризури.  Друг сегмент е здравиот живот и тука спаѓа се што е поврзано со здравјето, вклучувајќи здрава храна, вежбање и фитнес, нутриционизам, опфатени се болестите на модерното DSC_0466општество, физичкото и духовно здравје, присутни се разни ординации, лекари и специјалисти кои ги презентираат најновите техники во стоматологија, во пластичната хирургија… Со третиот дел е опфатен професионалниот живот на современата жена, во кој спаѓа се што приднесува за нејзината кариера и професионален развој, од разни школи, обуки, до психолошки и психијатриски ординации, техники за самопомош, начини за духовен развој, центри за странски јазици, книжарници. Четвртиот сегмент е мода, стил и забава и овде посетителите можат да се запознаат со најновите трендови на сезоната, но и да се подноват со ново парче за претстојната сезона и тоа по промотивна цена. Во овој сегмент е коктел барот каде се продаваат коктели по промотивни цени, така што посетителите имаат можност да поминат убаво време со пријателките/пријателите. Има посебен дел и за занаетчиите, каде што можат да ги изложат своите ракотворби. И секако, имаме детско катче, каде што мајките можат да ги остават децата на професионални негователки, кои ги анимираат децата, додека тие уживаат во содржините што ги нуди Саем на Жена. Ова е комерцијалниот дел на Саем на Жена којшто е и продажен и пропратен со многу промоции, намалени цени, попусти.

Saem-na-Zena-057

БИ: Саемот има и едукативен дел, на кој присуствуваат гости – предавачи, како од Македонија, така и од странство. Може да ни откриете некои од имињата што ќе гостуваат годинава?

Вториот дел на Саем на Жена е едукативниот дел кој му ја дава целата тежина на настанот и којшто го прави различен од било кој друг сличен настан во Македонија. Во текот на овие тие три дена колку што трае Саемот се одржуваат преку 100 предавања од сите области, за здравје, убавина, психички развој, пластична хирургија, мода, стил, се одржуваат проекции на филмови, еколошки работилници за децата, едукативни предавања од типот говор на телото, предавања за маркетинг, како да ја испромовирате вашата компанија и многу, многу други теми. Програмата на Саем на Жена е едноставно толку богата и разновидна, што ќе ве натера да останете цел ден. Секоја година имаме гости од странство. Минатата година на Саемот присуствуваше најдобриот пластичен хирург на Балканот, др. Синиша Којиќ, а директно од Франција ни дојде експерт од Estee Lauder и Clinique, која шминкаше и подучуваше техники на шминкање. Лани ни гостуваше познатиот стилист Влада Вергаш од Белград, а за оваа година можам да го најавам најдобриот хрватски фризер, Ивица Занети. Другите гости ќе бидат најавени во програмата, која ќе биде објавена една недела пред почетокот на настанот.

SONY DSC

БИ: Саемот досега имаше и хуманитарен карактер. Дали ќе биде така и оваа година?

Саем на Жена има хуманитарен карактер. Цената на влезницата е симболични 50 денари, а собраните средства од влезниците и средствата што ќе се соберат од акцијата наречена Creative Support, се посветени на жените оперирани од рак на дојка – преку донација на здружението Борка. Во оваа акција учествуваат и македонските дизајнери. Тие донираат едно парче облека кое се прикажува на модна ревија, а по ревијата имаме аукција на која се наддава за донираните модели. Овој настан се случува во петок, со почеток од 19 часот. Најниската цена со која започнува лицитацијата е 6.000 денари. Во минатите години аукцијата секогаш била успешна и биле продадени сите креации. Најскапа цена има достигнато креација на Александар Ношпал, 14.000 денари.

Втората вечер (сабота) имаме ток шоу во живо со Весна Петрушевска, која секоја година со неколку гости разговараат на различни теми. Шоуто се случува во живо, гости се познати личности од јавниот живот, кои на пример минатата година разговараа на тема секс.

Тоа се настаните во вечерните термини, инаку во текот на денот постојано нешто се случува и идејата е секој да си најде нешто што го интересира.

SONY DSC

БИ: Секоја година имате нешто ново на Саемот на жена. Што е она што годинава ќе им го понудите на посетителите?

Најново годинава е поврзувањето на Саем на Жена со Додир Париза, најголемиот саем на Балканот за професионална козметика што се случува во Белград. Оваа година сме дел од нивната франшиза и на Саем на Жена ќе донесеме голем број на странски фирми што се занимаваат со професионална козметика. Така Саемот добива интернационален карактер. Саем на Жена ќе биде промовиран и во Србија, особено во јужниот дел на Србија и во Косово, а целта ни е да ги привлечеме оние посетители од регионот на кои Скопје им е поблизу отколку да одат во Белград за да ги проследат новостите во светот на професионалната козметика.