Самит Македонија2025: Отворените економии се единствен начин за развој на малите земји

2

dsc_0823

На отворањето на шестиот по ред годишен Самит во организација на Македонија2025 се презентираа Најдобрите практики на успешните малите држави, преку исклучителните говори на Суан Хианг Ли, претседател на Одборот за економски развој во Сингапур и Пјер Гурџијан, партнер во Руско – ерменска фондација.

Сингапур во изминативе 50-тина години го зголеми бруто домашниот производ по глава на жител повеќе од 50 пати и денес надминува 52.000 долари, со што се трансформираше во светска економска сила. Според Суан Хианг Ли, клучни фактори за развојот на земјата се: фокусот кон странски инвестиции, трансфер на технологија, инвестирање во човечки капитал, првокласна инфраструктура и про – бизнис ориентирана влада. Земјата со шест милиони жители и скромни природни ресурси го промени својот систем на образование и се фокусираше кои иновациите.

“Сингапур верува во отворена економија. И во светската економија, мора да понудите најдобри услови за привлекување на инвестиции. Нема награда за тие што се втори“, вели Ли. “Сингапур успеа да наметне колективна визија за економски развиена земја со висок стандард и квалитет на живот, силен национален идентитет со атрибути на светска метропола“, додаде тој.

Пјер Гурџијан се осврна на придонесот на ерменската дијаспора кон економскиот развој на земјата, којашто преку бројните програми досега има инвестирано повеќе од 600 милиони долари. Нивната главна цел е Ерменија да го дуплира својот бруто домашен производ по глава на жител до 2030-та година.

Мајк Зафировски, ко-основач и член на Одборот на директори на Македонија2025, дополнително го истакна значењето на градење позитивна клима кон инвеститорите, како и стабилност и доверба во системот.

“Земјата мора да остане конкурентна во однос на даноци, трошоци за работна сила и квалитет на образование. Секако дека треба да се поттикне и развојот на домашните компании, владеење на правото, добрата инфраструктура и образованието. Странските инвестиции и инвеститорите од дијаспората носат капитал, трансфер на технологија и најдобри практики и се клучни за поттикнување на економскиот развој“, заклучи тој.

На агендата на првиот ден од Самитот се поместени и многу интересни дискусии за тоа колку најдобрите светски практики би можеле да се применат во Македонија и регионот, кои се досегашните искуства со директните странски инвестиции во однос на соработката со локални добавувачи и за улогата на жените како лидери кон одржлива иднина. Меѓу говорниците на овие теми се: Игор Лукшиќ, директор на јавен сектор на PwC за земјите од Југоисточна Европа и поранешен премиер на Црна Гора, Рубен Вардањан, влијателен инвеститор и социјален претприемач од Русија, Соња Шмуц, генерална директорка на Стопанската и индустриска комора на Словенија, како и многу други високи функционери и експерти од областа на бизнисот и економијата.