Само богатите купуваат електрични автомобили во ЕУ

27

Европската унија (ЕУ) ги забранува возилата на бензин и дизел мотори, па се поставува прашањето што ќе возат европејците по воведување на забраната. Да се купи електричен автомобил според актуелните цени за многумина е научна фантастика поради високата цена.

Здружението на производители на автомобили во Европа спроведе истражување коешто покажува дека продажбата на електрични автомобили варира меѓу земјите членки на Унијата, а најмногу зависи од животниот стандард.

Електричните и plug in хибридни автомобили сочинуваат 10,5% од сите автомобили продадени на подрачјето на ЕУ минатата година. Во исто време, нивното учество е помалку од 3% во 10 земји членки на Унијата, пренесува Ревија ХАК.

Анализата покажува дека постои директна врска меѓу побарувачката за електрични автомобили со бруто домашниот производ по глава жител. Исклучок од тоа е само Португалија, каде што пазарното учество на електрични автомобили е 13,6% во 2020 година и покрај фактот што важи за земја со релативно пониски просечни приходи.

Податоците покажуваат дека земји со најголем број на електрични и plug in возила и бруто домашен производ по глава жител во 2020 година се: Шведска (32,2% се електрични возила, а БДП по глава жител е 45.610 евра), Холандија (25% од возилата се на електричен погон, а БДП по глава жител е 45.790 евра), Финска (процент на електрични и plug in возила е 18,1%, а БДП по глава жител е 42.940 евра).

Од друга страна, земји со најмало учество на електрични автомобили и БДП по глава жител во 2020 година се: Кипар (0,5% електрични автомобил и 23.580 евра по глава жител), Литванија (1,1% електрични автомобили и БПД по глава жител од 17.460 евра) и Естонија (1,8% електрични автомобили и 20.440 евра БДП по глава жител).

Фото: Pexels