Само со вистински вредности се надминуваат предизвиците и искушенијата

343
d1
Данче Чакаровска Гроздановска – адвокат, сопственик на Адвокатската канцеларија Чакаровска

Данче Чакаровска Гроздановска е реномиран адвокат, докажан експерт за меѓународно право со 25 годишно искуство во различни области на правото. Таа е член на интернационалната правна организација IDLO (International Development Law Organization) од Рим, на нејзината македонска подружница за развој на правото IDLO Alumni Association, член на Европската асоцијација на адвокати, ментор во програмата на CEED Македонија, каде освен што го пренесува сопственото искуство во бизнисот на другите, предава и во областа на правото за статусни промени – припојување, спојување и поделба на домашни фирми, како и за наплата на побарувањата. Чакаровска е локален партнер на Светска банка во програмата Doing Business за Македонија и препорачан адвокат во Амбасадата на САД, германската и уште неколку амбасади во РМ.

БИ: За кои области од правото е специјализирана Вашата адвокатска канцеларија?

Во областа на правото сум околу 25 години, а канцеларијата ми е основана во 2005 година. Пред да почнам со адвокатурата како професија, работев како правник во повеќе странски организации, и на тој начин стекнав искуство во меѓународното право. Преку проектите на УСАИД бев вклучена во многу програми за едукација на малцинските акционери и тогаш го засакав корпоративното управување. Моја специјалност е деловното право, магистер сум во таа област. Во текот на работењето имам забележано многу резултати во повеќе области на правото. Освен деловното право, работам на граѓанско право, стопанско право, даночно право, правото од работните односи, а посебно ги сакам предметите во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Можам да кажам дека во судот во Стразбур во последните години имам добиено голем број на предмети што ги имаат поведено физички лица на коишто им биле загрозени правата во судовите на Република Македонија.

pratena za intervju3БИ: На какви случаи работевте во Стразбур?

Поголемиот дел од нив се жалби поради долго траење на судската постапка. Повеќето од нив беа поведени поради постапки што траеја 15-20 години, од периодот на транзицијата, од периодот на приватизацијата, а и поради тоа што им беа загрозени правата на работниците во тој период. Имаше и предмети поврзани со правата на малцинските акционери и сите беа развлекувани повеќе од 10 години, а некои траеја дури и 20 години. Сите предмети завршија во корист на жалителите. На тој начин, преку добивање на тие предмети, дадов битен придонес во подобрување на квалитетот на работата на судовите, односно на судиите, затоа што сметам дека предметите што во тој период беа успешно завршени, беа една од причините што во Законот за судови се внесе нова одредба, според која доколку некој предмет се добие во судот во Стразбур поради долго траење на постапката, тоа претставува причина да се разреши судијата. Тоа не значи дека по секој добиен спор секогаш ќе се разреши судијата, но се разгледува неговото работење. Со тоа што се разгледува неговото работење, се доведува во прашање извршувањето на судската работа, а тоа подразбира дека во иднина судиите ќе работат многу повнимателно.

БИ: Имало разрешувања на судии поради Вашите добиени предмети?

Разрешувања не, меѓутоа имаше покренато постапки во коишто се разгледуваше нивната работа, се воочи дека долгите траења на постапките се по нивна вина и тоа беше земено во предвид при годишната оценка на судиите.

БИ: Работите и на аквизиции. Што е Вашиот дел при преземањето на компании?

IMG_2733Како што веќе кажав, специјалност ми е корпоративното управување, во што спаѓаат статусните промени, преземања на фирми и други форми на организирање. Аквизициите беа многу поактуелни пред 5-6 години, кога во земјава влегуваа многу странски инвестиции, се вршеше преземање на фирми кои беа трансформирани од општествен во приватен капитал. При аквизиции, вообичаено е да те ангажира инвеститорот што сака да вложува, во повеќето случаи тоа се странски инвеститори. Тоа подразбира изработка на комплетен правен Due Diligence, односно правење на длабинска правна анализа на фирмата. Тоа го опфаќа корпоративното работење, работните односи, облигационите односи, судски постапки, имотно право, индустриската сопственост, значи целокупна длабинска правна анализа на фирмата врз основа на која потоа инвеститорот утврдува за каква фирма станува збор и врши вреднување на фирмата. Моето искуство досега покажа дека доколку фирмата има добро корпоративно управување, многу е поголема нејзината вредност, односно достигнува поголема цена при продажбата, бидејќи во земји кои не се членки на Европска унија, коишто се сметаат за поризични, како што е Македонија, многу е битно да има добро корпоративно управување, добра структура на управување во фирмата. Исто така по однос на вредноста на фирмата при продажба, значајна улога игра и вредноста на “брендот” што опфаќа заштита на индустриската сопственост, а битен фактор е и квалитетот на човековите ресурси кои работат во фирмата.

БИ: Вие сте партнер на Светска банка во програмата Doing Business за Македонија. Што се се разгледува во тие извештаи за рангирање на земјава во однос на бизнис климата?

Извештајот според кој се определува бизнис климата во Македонија се прави врз основа на извештаите што ги прават повеќето соработници на Светска банка во Македонија. Светска банка испраќа прашалници од 30 до 50 страни во кои се опфатени различни области. Конкретно, во областа на правото, во прашалникот се бара објаснување околу тоа какви се условите за вработување на странци, колку трае постапката за вработување, дали има многу жалби, дали има многу предмети во коишто се одбиени странците, колку време трае процедурата да се основа една фирма, дали има пречки во однос на определени дејности, дали се бара дозвола за определени дејности, дали можат странци да купуваат имот во РМ и слично.

БИ: Повеќето Ваши клиентите се странски правни и физички лица и странски инвеститори. Со кого е полесно да се работи? Со странци или со Македонци?

pratena za intervju1Нема дилема дека е подобро да се работи со странски клиенти, затоа што тие имаат подобра култура во водење на бизнисот. Кај нив основно е дека доколку не платат, нема да ја добијат услугата. Тие се фокусирани на тоа што го прават да го направат најдобро што можат, користат најдобри услуги и знаат дека тоа мора да се плати. Во таа смисла културата на странците е поразлична, посебно при користење адвокатски услуги. Надвор, ова е ценета професија. Кога странски инвеститори доаѓаат овде за да инвестираат, знаат дека тоа е многу сериозна работа на која сериозно и приоѓаат, и затоа соработката е добра. Во Македонија адвокатската работа не се вреднува од причина што скоро сите менаџери сметаат дека знаат и можат многу работи што се од областа на правото да ги направат сами. Имам сретнато многу сериозни фирми во Македонија кои секојдневно склучуваат договори, до кои дошле на база на copy – paste од некоја друга фирма. Врз база на препишани договори вршат сериозни работи во бизнисот. Јас секогаш потенцирам дека е потребно да се подобри културата на менаџерите, во смисла на тоа дека е потребно да користат правни услуги ако сакаат да бидат заштитени. Трошокот за тоа е многу мал, а штетата кога ќе се искомплицира работата може да биде многу голема. Кај нас нема навика да се ангажира адвокат. Делот што е за работни односи, пријава-одјава на работници, тоа го прават сметководителите, а имотните односи ги средуваат геодетите во катастар. Дека граѓаните немаат навика да користат адвокатски услуги, се потврдува и со најновите случувања во однос на сторените измами при склучување на договори за купопродажба на станови. По тоа може да се забележи дека не постои култура по однос на користење правни услуги, а таа услуга апсолутно не е скапа во споредба со штетата што може да биде предизвикана во иднина. Значи не е во прашање дека луѓето немаат пари да платат, туку немаат свест да користат правни услуги. Дури имам сретнато и фирми што се од среден обем што немаат вработено правник, а ниту пак користат надворешни правни услуги. За да се подобри културата во оваа смисла, мора на некој начин да направат интервенции во законодавството, односно да се воведе обврска фирмите да мораат да имаат правник или да користат услуги на адвокатска канцеларија, како и да биде задолжително користење на правни услуги при потпишувањето договори.

БИ: Работите pro bono (бесплатно)?

Предавањата, обуките што ги држам, значи едукацијата ми е исклучиво pro bono. Во ретки случаи, кога сметам дека треба нешто да направам за да му помогнам некому или за моја промоција, исто така работам pro bono. Во принцип, немам навика да работам pro bono. Вообичаено имам утврдени цени што ги применувам и почитувам.

pratena za intervju2

БИ: И за крај, што ќе кажете за предизвиците и вредностите во Вашата професија?

Би потенцирала е дека во денешно време адвокатската професија е доведена пред многу негативни предизвици и искушенија, затоа што е многу тешко да останеш неутрален и да можеш да ја засноваш Канцеларијата на определени вредности. Тоа подразбира да можеш да издржиш, да опстојуваш со сопствени вредности и да не подлегнуваш под новите трендови што се пласираат. Да останеш неутрален и да развиваш сериозна адвокатска професија е навистина многу тешко во денешно време. Од друга страна, искушението е многу големо и по однос на тоа, кога ќе се појави некоја странска фирма, дали да го прифатиш за клиент или не. Треба ние претходно да направиме анализа за каков клиент се работи пред да одлучиме дали ќе го застапуваме. Можеби е некоја сомнителена фирма и врши сомнителни активности, па е многу тешко да ја заштитиш својата активност од активноста на клиентот. Тешко се разграничува до каде е активноста на адвокатот, дали адвокатот таа услуга што ја вршел ја вршел професионално и не бил дел од недозволените активности на клиентот, доколку ги имало.

Многу е битно кои вредности се негуваат. Сметам дека во делот на развојот на адвокатурата мора да почнат да се менуваат вредностите, односно да не се смета дека адвокатурата е професија каде адвокатите сакаат да земаат пари, да ги одовлекуваат постапките, да создаваат поле за работа и сл., туку треба да се менуваат вредностите во однос на тоа да се работи посветено, исклучиво во интерес на клинетот, секогаш да си достапен за клиентот и да се грижиш за неговите интереси. На тој начин ќе може да се промени позицијата на адвокатурата и луѓето да уживаат подобра заштита.

 

Почнувајќи од утре, еднаш месечно, во среда, ќе можете да ги читате колумните на г-ѓа Данче Чакаровска Гроздановска, адвокат од Скопје.