Сараево остана без градски превоз поради долг

24

grasТрамваите и тролејбусите денеска во Сараево престанаа да сообраќаат откако Електростопанство БиХ ја исклучи струјата за Градското сообраќајно претпријатие (ГРАС) поради долгови.

Електростопанство претходно го предупреди ГРАС и му дозволи долгот да го исплаќа на рати, но претпријатието не ги исполни своите обврски. Моменталниот долг на ГРАС за испорачана и неплатена струја е преку 168.000 евра.

В.д. директорот на ГРАС, Омер Хаџиомеровиќ, на вонредна прес конференција соопшти дека по исклучувањето на струјата побарале од Електростопанство да ја вклучат барем на кратко, за да можат да ги вратат возилата во гаражите, но предлогот бил одбиен. Хаџиомеровиќ додаде дека сега низ градот функционираат автобуси и минибуси, пишуваат медиумите во БиХ.

Оваа компанија долги години работи со загуба, а градскиот сообраќај во Сараево е меѓу најлошите во регионот. Трамваите, тролејбусите и автобусите се во скоро распадната состојба и многу лошо одржувани, а владата сериозно размислува да прогласи стечај на ова јавно претпријатие.