Саудиска Арабија планира да ги монетизира сите минерали, вклучително и продажбата на ураниум, изјави саудискиот министер за енергија, принцот Абдулазиз Бин Салман.
„Ќе го збогатиме и продадеме и ќе направиме „жолт колач““, рече принцот Абдулазиз на конференцијата во Даран, мислејќи на минералниот концентрат во прав што се користи за подготовка на гориво од ураниум за нуклеарните реактори.
Потребно е безбедно ракување иако претставува мал ризик од радијација, пренесува Ројтерс.
Саудиска Арабија има нова нуклеарна програма која сака да ја прошири за на крајот да вклучи збогатување ураниум, чувствителна област со оглед на нејзината улога во нуклеарното оружје. Ријад сака да користи нуклеарна енергија за да го диверзифицира снабдувањето со енергија.
Не е јасно каде ќе завршат нуклеарните амбиции на Саудиска Арабија, бидејќи престолонаследникот Мохамед Бин Салман во 2018 година рече дека кралството ќе развие нуклеарно оружје доколку регионалниот ривал Иран го стори тоа.
Друга заливска држава, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), ја има првата нуклеарна централа во арапскиот свет со повеќе единици.
Емиратите ветија дека нема самите да го збогатуваат ураниумот и нема да го преработуваат потрошеното гориво.