СБ: Потребни се реформи за ребалансирање на финансиите на земјите од Западен Балкан

17

svetska-banka

Креаторите на политики од Западен Балкан треба да ги ребалансираат нивните финансиски сектори со цел да обезбедат долгорочен раст во регионот, се вели во новиот извештај на Светска банка.

Според извештајот насловен Ризици и придобивки: Управување со финансиски предизвици за инклузивен раст во Европа и Централна Азија, презентиран на настан во Виена, преголемото потпирање на банкарските кредити придонесе кон недоволно развиени пазари на капитал и голем број на нефункционални кредити во регионот.

Во извештајот се наведува дека развојот на финансискиот сектор не треба да се потпира само на подобрување на пристапот до банкарски кредити, туку да им дозволи на финансиските системи да се развијат балансирано, како кај банкарските така и кај небанкарските финансиски подсектори, особено пазарите на капитал и осигурување со цел да обезбедат инклузивен раст во Европа и Централна Азија (ЕЦА).

“Иако во регионот е забележан прогрес по почетокот на глобалната финансиска криза, финансискиот сектор може да направи многу повеќе кон поддржување на можностите за одржлив и еднаков раст. Извештајот ги анализира главните димензии од финансискиот развој за поддршка на инклузивниот раст и нуди широка стратегија за имплементирање на реформи во финансискиот сектор во земјите од Западен Балкан и во регионот на ЕЦА“, вели Евалд Новотни, Гувернер на Националната банка на Австрија и домаќин на настанот.

Настанот се фокусира на специфичните предизвици во земјите од Западен Балкан, со присуство на високи претставници, вклучително и Гувернерите на централните банки од Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

Во земјите од Западен Балкан, 16% од кредитното портфолио е нефункционално и е меѓу највисоките во светот. Исто така, во рамките на ЕЦА регионот пошироко, само околу 38% од возрасните користат производи за штедење, споредено со 54% во развиениот свет и само неколку проценти користат осигурителни производи. Недовербата во банките, исто така, е повисока споредено со било кој друг регион во светот.

“Надминувањето на недовербата и зголемување на разновидноста на финансискиот систем во регионот е клучна за одржлив и инклузивен раст. Тоа бара понатамошна меѓународна соработка, бидејќи разновиден и стабилен финансиски систем бара поголем обем од оној што земјите од регионот индивидуално можат да го обезбедат“, вели главниот економист за Европа и Централна Азија (ЕЦА), Ханс Тимер.

За да се обезбеди одржлив и инклузивен раст, извештајот тврди дека земјите од регионот треба да го балансираат финансискиот развој преку следните мерки: стабилност (на пр. справување со нефункционалните кредити и намалување на волатилноста кај приватните кредити); ефикасност (на пр. намалување на  режиските трошоци и нето каматните маргини на средствата); инклузија (на пр. зголемено користење на производите за штедење и осигурување) и длабочина (на пр. развој на пазарите на капитал и диверзификација на финансискиот систем).

“Земјите од Западен Балкан најдобро може да напреднат преку поголем фокус во подобрување на финансиската ефикасност, зголемување на штедните влогови и развој на пазар на капитал“, вели Елен Голдстин, директор за регионот на Западен Балкан при Светска банка.

Извештајот укажува дека во текот на 90-те години, земјите од ЕЦА регионот се определија за модел на брз финансиски развој, фокусиран врз проширување на банкарското кредитирање, често финансирано од странски капитал. Овој модел помогна во зајакнување на финансиската инклузија на компаниите и домаќинствата – но, истовремено беше придружен со мала финансиска ефикасност и зголемена ранливост. Следствено на тоа, регионот се соочи со две големи банкарски кризи, првата во доцните 90-ти години и втората во 2008-та година.