СБ: Растот на Македонија ќе забави и ќе достигне 2% во 2016 година

17

svetska-banka-580x439

Растот во Македонија се очекува да забави и да достигне ниво од 2% во 2016 година, под влијание на намалувањето на инвестициите, меѓутоа потоа постепено ќе закрепне и ќе достигне 3,3% во 2017 година односно 3,7% во 2018 година, поткрепено со финална потрошувачка и инфраструктурните инвестиции. Ова се дел од предвидувањата во најновиот редовен економски извештај за Југоисточна Европа на Светска банка, претставен денеска во Брисел.

Политичката несигурност влијаеше врз инвестициите, што доведе до намалување на растот, спротивно од регионалниот тренд. Потрошувачката остана главен двигател на растот, поддржана од вработувањата и повисоките јавни плати и трансфери. Фискалниот дефицит се зголеми од првично буџетираните 3,2% од БДП на 4,1% поради поголемите трошења на плати, пензии и социјални трансфери отколку првично буџетираните, како и поради прилагодување на потрошувачката поврзана со справување со поплавите“, стои во извештајот на Светска банка.

Во целина, најновиот Редовен економски извештај на Југоисточна Европа нотира дека економскиот раст во Југоисточна Европа во изминатата година се зголеми, а високите стапки на невработеност започнаа да се намалуваат.

Економскиот раст предвиден во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија се очекува да достигне 2,7% во 2016 година, што е зголемување од 2,2% проценти во 2015 година. Умереното зголемување на растот се предвидува да продолжи и во 2017 и 2018 година.

Другите економии во регионот се очекува да одржат ниво на раст помеѓу 2,8% и 3,6% во 2016 година, со исклучок на забавувањето во Македонија. Во многу од земјите во регионот растот се  рефлектира во работни места. Вработеноста се зголеми за 4,7% во Србија и 6,7% во Албанија, во првата половина од 2016 година.

Просечниот фискален дефицит во регионот се намали од 3,6% во 2015 година на 3,3% во 2016 година. Овој дефицит крие значителни разлики меѓу земјите, со јавен долг кој се зголемува во оние земји каде фискалните сметки беа оптоварени од зголемена јавна потрошувачка.

Извештајот заклучува дека регионот продолжува да расте и покрај тешкото европско и глобално опкружување. За да се одржи растот се препорачуваат понатамошни реформи за одржување на макроекономската стабилност, поттикнување на активноста на приватниот сектор, зголемување на ефикасноста на јавниот сектор и создавање на издржливост од надворешни шокови.