СБ: Скромен раст на БДП за земјите од Европа и Централна Азија оваа година

13

Растот на БДП во 2016 година за земјите од регионот на Европа и Централна Азија ќе биде скромен. Ниските цени на нафтата и останатите производи во источниот дел на регионот, намалувањето на стапките на инвестиции во Европската унија и тековните структурни предизвици во сите земји го попречуваат растот во регионот и придонесуваат кон зголемување на популизмот и поларизацијата, стои во најновиот Економски преглед за регионот на Европа и Централна Азија при Светска банка.

Според извештајот објавен во Букурешт, Романија, се очекува регионот да има скромен раст од 1,6% во 2016 година – нешто повеќе од 1,4% во 2015 година – но намалувањата во приходите и потрошувачката ќе го ублажат овој скромен раст. Се очекува трендот да продолжи во 2017 и 2018 година, со предвиден раст од 1,5% и 1,8%, соодветно.

Растот е предвиден да остане позитивен во Источна Европа и Централна Азија, со раст на БДП од 0,7% во 2016, 2,3% во 2017 и 2,6% во 2018 година. Во меѓувреме, се очекува растот во Европската унија малку да се намали, додека во Западен Балкан е предвиден  да расте, од очекувани 2,7% во 2016 година, до 3,2% во 2017 година и 3,5% во 2018 година.

“Гласањето за Брексит и бегалската криза ја тестираат Европската соработка, додека источната половина од регионот сè уште се справува со прилагодување кон пониските цени на нафтата. Неуспехот во целиот регион за откривање нови извори за раст придонесува кон зголемување на популизмот и поларизацијата, како и недоверба во институциите“, вели Ханс Тимер, главен економист за регионот на Европа и Централна Азија при Светска банка.

Анкетите од извештајот покажуваат дека загриженоста околу променливиот економски контекст и, особено недостатокот од сигурност на работните места, поттикнуваат пораст на политичката поларизација во земјите на Европа и Централна Азија. Брзото зголемување на привремени и работни места со скратено работно време, како и промените во побарувачката на вештини, предводени од новите дигитални технологии, ја зголемуваат загриженоста на луѓето од регионот и ја менуваат поддршката подалеку од средината на политичкиот спектар.

Извештајот тврди дека во отсуство на силен политички одговор, тековните структурни предизвици ги попречуваат економиите во регионот, заканувајќи се да го нарушат растот и намалувањето на сиромаштијата на долг рок. За справување со овие предизвици, владите и општествата треба да обезбедат нови перспективи во новата економска ера, без навраќање на решенијата кои во минатото успеваа во многу поинакви услови.

“Скромниот раст кој го гледаме е чекор во вистинска насока, но недоволен за да ја отстрани загриженоста кај луѓето од регионот за нивните економски перспективи. Владите сега може да дејствуваат за да помогнат. На пример, може да промовираат доживотно учење за да им помогнат на луѓето да најдат и да ги задржат добрите работни месат. Тие, исто така, може да обезбедат детска и заштита за постарите за да олеснат во изнаоѓање на пофлексибилни избори на вработување. Овие активности може да обезбедат еднакви можности и да го поттикнат целокупниот раст“, вели Сирил Милер, потпретседател за регионот на Европа и Централна Азија при Светска банка. Други политички опции вклучуваат поддршка на компаниите во искористување на нови извозни можности понудени од поконкурентно опкружување за производителите, намалување на трошоците и времето потребно за основање на нови бизниси и влез на нови пазари, како и намалување на ограничувањата за движење на работна сила кон нови активности. Извештајот нотира дека активностите исто така треба да бидат сигурни дека основната заштита на работната сила и социјална заштита се обезбедени или одржувани за да се спречи страдање и ерозија на социјалната кохезија, особено за ранливите групи.

Извештајот, исто така, повикува на подобрување на истражувањето и податоците за нееднаквост, вклучително индикаторите за перцепцијата на луѓето за промените во нееднаквоста. Понатамошни докази за поврзаноста помеѓу побарувачката на вештини и промените во задоволството од живот може исто така да помогнат во спроведување промени во политиките неопходни за прилагодување на важни економски промени и намалување на социјалниот и политички немир.