Се ближи пукање на балонот на NFT пазарот?

109

Она од што многумина се плашеа се чинеше дека се остварува – на пазарот за незаменливи токени (NFT) можеби му се ближи крајот, според анализата на The Wall Street Journal.

Продажбата на NFT падна во просек до 19.000 дневно оваа недела.

Тоа е за 92 отсто помалку од 225.000 регистрирани во септември, пишува весникот, цитирајќи податоци од веб-страницата NonFungible.

Минатата недела, бројот на активни портфолија беше околу 14.000, наспроти максимумот од 119.000 во ноември.

Како и криптовалутите, NFT токените се дигитални средства засновани на блокчејн технологија. Тие служат за потврдување на интелектуалната сопственост на токенот и гарантирање на неговата оригиналност и незаменливост.

Американската централна банка објави дека планира да продолжи да ги зголемува каматните стапки оваа година. Тоа значи дека политиката на неограничена ликвидност, што ја спроведуваат не само ФЕД, туку и други водечки централни банки во последните години, се ближи кон својот крај.

Како резултат на тоа, инвеститорите се свртуваат кон помалку шпекулативни и побезбедни инвестиции, како што се дефицитарните суровини и метали, забележува WSJ.

Од друга страна, сопствениците на NFT се свесни дека нивните средства во моментов се преценети. Тие се и една од главните алатки за таканареченото „перење пари“ што го користат криминалните организации ширум светот.

Според Chainalysis, NFT тргувањето вештачки ги зголемува цените на средствата. Многу од продавачите на пазарот се, всушност, купувачи, но користат различни профили. На овој начин се прави обид да се доведат во заблуда останатите учесници на пазарот за реалната вредност и ликвидноста на токените.

WSJ дава пример со првиот твит на основачот на Twitter, Џек Дорси. NFT беше продаден на извршниот директор на Bridge Oracle, Сина Естави за 2,9 милиони долари во март минатата година.

Кога Естави се обиде да го стави на аукција на почетокот на 2022 година, понудувачите понудија не повеќе од 14.000 американски долари. Огромната разлика меѓу куповната цена и понудата за продажба го натера бизнисменот да се откаже од продажбата.

Сепак, според Естави, тоа не значи дека пазарот на NFT пропаѓа. Тој смета дека се работи за „нормална флуктуација“ и дека овој пазар се развива, па не може да се предвиди што ќе се случува во иднина.

Нешто слично се случи со NFT токенот на хип-хоп ѕвездата Снуп Дог, наречен Doggy # 4292. Тој носи лик на астронаут и беше продаден на почетокот на април за етери во вредност од 32.000 долари. Сега е ставен на продажба за 25,5 милиони долари, но досега нема добиено понуда поголема од 0,0743 етери или околу 210 долари.

Интересот за NFT исто така опаѓа. Бројот на интернет пребарувања за зборот е намален за околу 80% од јануари, според Google Trends.

Друг фактор што влијае на пазарот е прекумерната понуда на NFT. Во моментов има пет токени на пазарот по купувач, според статистиката на Chainalysis. На крајот на април, 9,2 милиони NFT беа продадени на 1,8 милиони купувачи, соопшти компанијата.