Се намали инфлацијата во САД – Волстрит веднаш порасна

На Волстрит, индексот S&P 500 порасна вчера, по два дена пад, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од ублажувањето на инфлацијата во САД, но тргувањето останува претпазливо бидејќи Вашингтон води тарифна војна на повеќе фронтови.

Индексот Dow Jones падна за 0,20 отсто, на 41.350 поени, додека S&P 500 порасна за 0,49 отсто, на 5.599 поени, а индексот Nasdaq за 1,22 отсто, на 17.648 поени. Растот на индексите S&P 500 и Nasdaq е главно благодарение на корекцијата на цените на акциите на технолошките компании, по два дена остри падови.

Инвеститорите беа охрабрени од намалувањето на инфлаторните притисоци. Според податоците објавени вчера, растот на потрошувачките цени во САД во февруари изнесувал 0,2 отсто на месечно ниво и 2,8 отсто на годишно ниво, нешто помалку од еден месец претходно.

Царините за увоз на челик и алуминиум во САД стапија во сила вчера
Сепак, пазарот не е исполнет со еуфорија бидејќи инвеститорите стравуваат дека инфлацијата ќе се зголеми во наредните месеци, имајќи предвид дека американскиот претседател Доналд Трамп води трговска војна на повеќе фронтови – со Канада, Мексико, Кина, Европската унија…

Вчера стапија на сила царините од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум во САД, а Канада и Европската унија најавија контрамерки. Покрај тоа што тарифната војна може да ја зголеми инфлацијата, се очекува негативно да влијае на меѓународната трговија и економскиот раст.