Се очекува закрепнување на економијата во еврозоната

37

Економијата на еврозоната годинава се очекува да закрепне, под услови мерките за сузбивање на пандемијата да се укинат до крајот на март, а вакцините да бидат дистрибуирани, смета претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.

ЕЦБ во декември објави дека очекува раст на економијата на еврозоната од 3,9% оваа година, предвидувајќи постапно завршување на пандемијата, пренесува Ројтерс.

На средината на јануари оваа година изгледите за закрепнување ги намали растот на бројот на заразени од коронавирусот, како и интензивирање на мерките за ограничување на движењето и активноста на земјите од еврозоната, вклучувајќи ги Германија и Франција, како и бавната кампања за вакцинирање.

“Верувам дека нашите последни проекции од декември и понатаму во голема мера се веродостојни. Се темелат на претпоставката дека мерките на ограничување ќе останат на сила во првиот квартал“, порача Лагард.

ЕЦБ на 10-ти декември објави дека проценките за раст се темелат на претпоставките дека до крајот на 2021 година ќе биде достигнато потребното ниво на колективен имунитет.

Фото: Freepik