Се одбележува Светскиот ден на здравјето под мотото За безбедна храна од нива до трпеза

21

Под мотото За безбедна храна, од нива до трпеза, денеска се одбележува Светскиот ден на здравјето – седми април. Македонското лекарско друштво (МЛД) по тој повод денеска организира настан на кој ќе биде одржано предавање за безбедноста на храната.

Целта на кампањата на Светската здравствена организација (СЗО) е да се подигне свеста на граѓаните за подобра безбедност на храната, како и препораки на владите, јавно – здравствените авторитети, заедниците и поединците да преземаат навремени акции за превенција на приближно 200 заболувања кои се јавуваат како резултат на загадена храна со бактерии и вируси, паразити, хемиски супстанци и друго, пишува Миа.

Надлежните тврдат дека граѓаните на Македонија јадат безбедна храна. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски, со поддршка на СЗО рече дека храната во Македонија се контролира во секој сегмент.

“Системот за контролирање на храната е воспоставен и ние сме во комуникација со сите институции. Сето тоа се контролира со национални мониторинг планови кои се усогласени со работењето во ЕУ. Се земаат примероци од сите прехранбени производи што се произведуваат во Македонија, но и од оние кои се увезуваат. Досегашните анализи покажаа дека во изминатата година имаме високо безбедна храна. Откриен е само еден производ, односно кромид каде што имаше недозволени количини на пестициди и тој производ е тргнат од пазарот“, изјави Поповски.

Во 2014 година во Македонија имало регистрирано 909 алиментарни инфекции и интоксикации, 204 салмонелози, 162 инфекции со ешерихија коли и 40 случаи на бруцелоза.