Се одржа 53. сесија на Клубот на истражувачите

Bо Народната банка се одржа 53. сесија на Клубот на истражувачите на која беa презентирани научните трудови „Хиерархиска економска анализа на меѓународната трговија со услуги” од авторите Филип Насковски, Мартин Бојковски, Димитар Пешевски и Димитар Трајанов и „Проценка на ефикасноста на јавните трошења во земјите од Југоисточна Европа – ДЕА техника за анализа на податоци” од авторите Весна Гарванлиева Андонова и Борче Треновски.

Сесијата ја отвори директорката на Дирекцијата за монетарна политика и истражување Билјана Давидовска-Стојанова, која истакна дека придобивките од трудот на авторите Филип Насковски, Мартин Бојковски, Димитар Пешевски и Димитар Трајанов се значајни, поради фактот што овој труд става акцент на улогата на трговијата со услуги како битен фактор за економскиот раст и структурната трансформација, пред сѐ за помалите економии, процес којшто е зајакнат од развојот на дигитализацијата и ИТ-технологиите. Трудот од авторите Весна Гарванлиева Андонова и Борче Треновски е значаен со оглед на тоа што подобрувањето на ефикасноста на јавниот сектор може го подобри фискалниот простор и да има позитивни влијанија врз економскиот раст во земјите од Југоисточна Европа.

Во трудот „Хиерархиска економска анализа на меѓународната трговија со услуги” авторите ја истражуваат динамиката на глобалната трговија со услуги, вклучувајќи 137 земји заради откривање на поврзаноста, тековите на трговијата со услуги, како и конкурентните предности на одделните земји, вклучително и нашата економија, во рамките на глобалните и регионалните трговски екосистеми. Според анализата, градежништвото, останатите транспортни услуги и компјутерските услуги се секторите каде што е увидена конкурентна предност на македонската економија. Притоа, компјутерските и ИТ-услугите бележат силен раст, особено во периодот од 2012 до 2022 година и се еден од најперспективните сектори коишто треба да се искористат за посилен економски раст, а можностите за регионална соработка и добро водење политики придонесуваат за унапредување и зајакнување и на останатите помалку конкурентни сектори во економијата.

Трудот „Проценка на ефикасноста на јавните трошења во земјите од Југоисточна Европа – ДЕА техника за анализа на податоци (Data envelopment analysis)” од авторите Весна Гарванлиева Андонова и Борче Треновски ги истражува остварувањата на јавната потрошувачка на земјите од Југоисточна Европа, (ЈИЕ) за периодот 2010 – 2021 година, преку непараметриска анализа, односно оцена на границата на ефикасност. Авторите ја користат оваа техника и за оцена на ефикасноста на трошењата во образованието, здравството и инфраструктурата. Заклучокот на авторите е дека остварувањата на земјите се разликуваат од аспект на ефикасноста на нивните јавни расходи и дека за земјите во регионот постои простор за унапредување на ефикасноста во сите три сектори.

По презентацијата, следеше дискусија меѓу учесниците и презентерите поттикната од презентацијата на трудовите и од изнесените заклучоци. Со одржувањето на 53. сесија успешно се завршија активностите на Клубот предвидени за календарската 2024 година. Следната сесија е планирана за март следната година.