Се предлага зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ на 2.000.000 денари

58

На владина седница е утврден текст на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со одлука да биде доставен на усвојување во Собранието на државата.

Со предложениот закон се врши зголемување на прагот за задолжителна регистрација за целите на данокот на додадена вредност од 1.000.000 денари на 2.000.000 денари, и се пропишува можност даночните обврзници кои се регистрирани за цели на данокот на додадена вредност да имаат право на одбивка на претходен данок со поседување на фискална сметка чиј вкупен промет не надминува 6.000 денари издадена согласно со Закон за регистрирање на готовински плаќања.

Со оваа новина, како што се наведува, во законот се укинува сметкопотврдата како задолжителен документ придружен со фискална сметка за промет до 6.000 денари, со што во голема мерка се заштедува на време, хартија и на административна постапка.

Истовремено, предложениот закон има за цел да овозможи ослободување од плаќање на данок на додадена вредност на добрата кои се увезуваат од страна на воените сили на други држави кои се членки на НАТО.

Фото: Pixabay