Се продава Железара Смедерево – почетна цена 45,7 милиони евра

113

smederevo

Српското Министерство за економија во петокот распиша Јавен повик за приватизација на Железара Смедерево, а почетната цена е 45,7 милиони евра.

Се работи за повик за учество во постапка за јавно собирање на понуди со јавно наддавање поради продажба на имотот на субјектот на приватизацијата – Железара Смедерево.

Пазарната вредност на имотната целина, со состојба на ден 31 декември 2015 година е проценета на 91,3 милиони евра, а почетната цена изнесува 50% од проценетата вредност на имотот што се нуди на продажба.

Предмет на продажба се недвижности – земјиште и објекти, подвижен имот, залихи, удел во капитал и нематеријален имот.

Пријавите за учество во постапката, заинтересираните можат да ги поднесат најдоцна до 30 март 2016 година, а рокот за достава на барање за откуп на продажна документација е 22 март.

Железара Смедерево под името Сартид во 2003 година ѝ е продадена на американската US Steel за 23 милиони долари. Во јануари 2012 година, Владата на Србија ја откупи Железарата за симболичен износ од еден долар. Првиот тендер за продажба беше распишан во април 2012 година, а вториот во декември 2014. Во април 2015 година, управувањето со Железарата го презема ХПК Инженеринг.

Засега, како единствен кандидат за учество во овој тендер, се гледа на кинеската HBIS. Според српскиот премиер Александар Вучиќ, Кинезите планираат во челичаната да вложат 120 милиони евра, но за тоа треба посебна дозвола од Брисел, пишува Политика.