
Лидерите на американските технолошки корпорации, вклучително и извршниот директор на Тесла, Илон Маск, извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг и други, се сретнаа со членовите на американскиот Конгрес на Капитол Хил за да разговараат за предложените регулативи кои треба да важат за вештачката интелигенција (ВИ).
На состанокот беа и поранешните и сегашните извршни директори на Мајкрософт, Бил Гејтс и Сатја Надела.
Вчерашната средба со американските пратеници се одржа зад затворени врати. Состанокот го свика лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, а беа поканети шефовите на технолошките гиганти, како и застапниците за граѓански права.
Моќта и предностите на вештачката интелигенција, како и потенцијалните опасности, се предмет на голем интерес за научниците ширум светот. Во мај, Сем Алтман, извршен директор на OpenAI, компанијата зад ChatGPT, сведочеше пред комисијата на американскиот Сенат, опишувајќи ги потенцијалните стапици на новата технологија.
„Мислам дека ако оваа технологија тргне наопаку, може да тргне многу наопаку… Сакаме да бидеме јасни кога зборуваме за тоа“, рече Алтман. „Сакаме да работиме со владата за да го спречиме тоа да се случи“, рече тој.
Кои се опасностите?
Постојат стравувања дека технологијата за вештачка интелигенција може да доведе до масовни отпуштања, широко распространета измама и да ги направи дезинформациите поубедливи од кога било.
Компаниите за вештачка интелигенција, исто така, се на удар на критики за обука на нивните модели за податоци преземени од Интернет без дозвола или плаќање на луѓето кои ги создале податоците.
„Мислам дека треба да има регулаторно тело кое ќе ја надгледува вештачката интелигенција за да се увери дека таа не претставува опасност за јавноста“, изјави Маск за Би-Би-Си во април.
„Нѝ треба судија за вештачка интелигенција“
Тој на вчерашната средба во средата рече дека сака еден вид „судија“ за вештачката интелигенција. „Мислам дека веројатно ќе видиме дека нешто ќе се случи. Не знам во која временска рамка или како точно ќе се манифестира“, изјави тој за новинарите по средбата.
Фото: YouTube printscreen