SEA GAMES освои прва награда на Брилијантни млади претприемачи

27

Дванаесет тимови се натпреваруваа за титулата најдобра студентска компанија во бизнис план натпреварот Брилијантни млади претприемачи (Brilliant Young Entrepreneurs), кој на 24 мај во Скопје го организираше Економско образование на млади менаџери – Junior Achievement Македонија во соработка со Кореа Ауто Трејд, како овластени дистрибутери на Хјундаи за Македонија. Финансиската поддршка ја овозможија ЈА- YE Европа и Hyundai Motor Европа.

Титулата најдобра старт – ап компанија ја доби тимот SEA GAMES и ја освои наградата од 15.000 евра. Покрај паричната награда, тимот ќе добие и консултантски услуги од страна на експерти соодветни за дејноста на компанијата. Дејноста на SEA GAMES е креирање на мобилни апликации (игри) за деца на македонски јазик. Апликациите ќе бидат од едукативен карактер, соодветни за различни возрасти, како и за деца со посебни потреби. Со нив преку игра на еден забавен начин, децата ќе можат да ги развиваат логичко – когнитивните способности и моторните функции.

Брилијантни млади претприемачи е европска иницијатива која се спроведува во 17 европски земји и има за цел да ги поттикне младите претприемачи да ги претворат своите бизнис идеи во реален бизнис. Намалувањето на невработеноста и создавањето на можности за вработување на младите луѓе се едни од клучните приоритети на оваа иницијатива. Наградата се доделува еднаш годишно на старт – ап компанијата која има доволен бизнис потенцијал за да ја оправда инвестицијата и одржлив бизнис план после старт – ап периодот.

Тимовите се претставија со бизнис планови од најразлични области: софтверска платформа за мали претпријатија, мобилна апликација за туристи, закажување услуги преку мобилен телефон, мултимедијален музичко- училиштен центар, сервис за перење алишта наменет за студенти, пакување и продажба на свежи салати, едукативни игри за деца, маркетинг агенција за мали претпријатија со користење на техниката “тропни на врата”, рекламни панели кои имаат интегриран дисплеј кои реагира на допир, движење, контакт со очи и говорна команда, мобилна апликација за таблети и паметни телефони со која ќе се овозможи виртуелен 3Д приказ и презентација на производи со помош на технологијата на надополнета реалност, веб портал за самовработување, пракса и соработка помеѓу индивидуи, студенти и компании.