Сеавус присуствува на Embedded World 2017

60

ew2017

Сеавус е дел од најголемиот настан за вградени технологии Embedded World во Европа, којшто се одржува во Нирнберг, Германија, стои во соопштението.

Во Нирнберг денеска е последниот ден од саемот Embedded World 2017, каде повеќе од 30.000 посетители и 1.000 изложувачи традиционално ги следат најновите вести за разни алатки, специфични уреди и развојни околини за изработка на вградени (embedded) системи. Компанијата Сеавус е присутна во областа за вградени апликациски решенија за потрошувачка електроника (consumer electronics) заедно со еден од најголемите производители на светско ниво за чипови и микроконтролери STMicroelectronics (STM).

Тимот на експерти од Сеавус е дел од STM32 FAN фан – зоната каде се прикажуваат дел од најновите решенија произведени во Сеавус со користење на последните микроконтролери (MCU) кои доаѓаат од STM. Демо уредите кои се презентирани од Сеавус прикажуваат решенија создадени со најсовремен инженеринг во областа на специјално дизајнирани направи за играње, помош при купување и системи за мониторинг на простори. Преку овие уреди, Сеавус ја презентира својата експертиза за успешно интегрирање на микроконтролерите од STM во најразлични технолошки домени и изработка на модерни уреди.

“Ни претставува големо задоволство што Сеавус е присутен на овој саем повеќе години во соработка со своите партнери со кои имаме успешно изработено поголем број на комплексни проекти. Како и претходните години, фокусот на нашата компанија е да ги презентира проектите изработени во соработка со најголемите компании во својот домен (Green Hills, STMicroelectronics и други) и да покажеме дека нашите експерти имаат вештини кои се на високо завидно ниво.

Преку присуството на вакви настани, имаме можност дополнително да се информираме за новостите во вградените технологии и да воспоставиме комуникација и соработка со нови партнер и потенцијални клиенти”, изјави Благој Купев, менаџер на Дивизијата за вградени технологии во Сеавус.

Уште од своето основање во 2003 година, конференцијата Embedded World е посветена на дизајнерите и креаторите на вградените системи, што ја прави да биде едно од најважните места за размена на иновации во рамките на самата заедница за вградени системи.