Seavus со донација на ФЕИТ го засилува развојот на специфични ИТ кадри во Македонија

39

DSC00025Лабораторијата за Електроника при Факултетот за електротехника и информациски технологии од денес е збогатена со компјутерски системи за изведување на лабораториски вежби, донација од македонскиот технолошки гигант Seavus.

Станува збор за 10 нови компјутерски системи кои ќе придонесат лабораториите на ФЕИТ да бидат опремени со доволно работни станици за ефикасно изведување на практичната настава на овој факултет.

Студентите на ФЕИТ заслужуваат прогресивна и напредна дообразба бидејќи се чинители на една генерација која е промотер на технолошкиот развој, кој е значаен за секое општество.

“Оваа донација е само дел од целокупната соработка на Seavus и Факултетот за електротехника и информациски технологии. Наша цел е на студентите и квалитетните кадри кои излегуваат од овој факултет да им дадеме поддршка и можност покрај теорија да имаат што повеќе практична настава, да работат на проекти и со нови методи кои со сигурност во иднина ќе им донесат големи бенефити”, вели Благој Ќупев, менаџер на Seavus Ембедед дивизијата.

Како што велат од факултетот, соработката со Seavus е значаjна и голема придобивка не само за секој студент поединечно, но и за самиот факултет пред сè поради големите достигнувања на Seavus, која, од друга страна пак, отворено дозволува студентите активно да се вклучат во нивните проекти.

“Соработка со македонска компанија која е светски позната и успешно котира на светскиот пазар на ИТ и софтверските услуги носи големи бенефити за сите насоки на факултетот. Ова е втора донација на Seavus за лабораторијата, но покрај материјалното, компанијата во текот на студиите постојано вложува и во пракса и несебично менторство од страна на вработените за студентите”, изјави проф. д-р Миле Станковски, Декан на ФЕИТ.

Seavus и Факултетот за електротехника и информациски технологии досега имаат работено на голем број заеднички проекти. Компанијата традиционално организира и летна пракса во рамки на соработката со техничките факултети, а овозможува и вработување за најдобрите кадри.