Седум регионални проекти во Југозападниот регион до крајот на годинава

19

jugozapaden-planski-regionПриближно седум милиони денари од Буџетот на Република Македонија, до крајот на годинава ќе бидат искористени за имплементирање на седум регионални проекти, од страна на Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

Во рамки на договорот потпишан со Бирото за регионален развој предвидено е да се изработат три студии, информираат од Центарот.

Предвидените студии ќе се однесуваат на примена на алтернативните извори на енергија, за туристичките потенцијали на регионот и за третирање на отпадните води што влегуваат во реката Црн Дрим од Струга до Дебар.

Планирано е да се изврши мапирање на значајните природни и културни локалитети со поставување на соодветна патна сигнализација, а ќе биде изработена и мапа на значајните знаменитости во Југозападниот плански регион.

Од центарот за развој соопштуваат дека за потребите на комуналните претпријатија ќе бидат набавени балирки и преси со цел поефикасно решавање на проблемите со отпадот од пластика. Исто така со еден од проектите е предвидено да се изврши брендирање на типичните млечни производи што се произведуваат во дебарскиот микро-регион.