СЕЕ Линк и официјално започна со работа

41

see-link

Иновативната регионална платформа СЕЕ Линк што ги поврзува Бугарската, Загрепската и Македонската берза, поддржана од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), и официјално започна со работа.

Новата технологија, како што се наведува, беше претставена на годишната конференција на Македонската берза во Скопје.

Оваа платформа ќе помогне во интегрирање на овие берзи чија пазарна капитализација е околу 30 милијарди долари, во исто време ќе овозможи котирање на околу 400 акции. Системот се очекува да ја зголеми ликвидноста и да го подобри пристапот до пазарите на хартии од вредност за инвеститорите и локалните брокери.

“Како што продолжува бранот на консолидација, помалите берзи заедно ќе бидат многу посилни. Технологијата ќе овозможува поефикасен пристап на интегрираниот пазар на капитал на инвеститорите и локалните брокери, притоа овозможувајќи им целосна независност на берзите“, изјави Андре Кусвек, директор на секторот за локална валута и пазари на капитал при ЕБОР.

Белградската и Љубљанската берза веќе ја потврдија намерата да се приклучат кон СЕЕ Линк.

“Регионалната интеграција е неопходна, а СЕЕ Линк е вистински пример за бенефитите од истата. Интеграцијата ќе обезбеди поефикасен пристап за инвеститорите и локалните брокери, како и поголема транспарентност на регионално ниво“, изјави Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза.

ЕБОР ја поддржа првата фаза од СЕЕ Линк проектот со грант од 540.000 евра за воведување на електронски систем.

Во петок, на први април, ќе бидат претставени таканаречените blue chip регионални индекси – SEE LinХ SEE LinX EWI, коишто ќе имаат за цел да ја зголемат препознатливоста на пазарот. Индексите ќе ги содржат десетте најтргувани акции на регионални компании: пет од Хрватска, три од Бугарија и две од Македонија.

Се очекува повеќе од 22 членки на берзите од Бугарија, Хрватска и Македонија да се поврзат на оваа платформа, по што 387 акции ќе бидат достапни за тргување.