СЕЕ Линк објави покана за тендер за набавка на ИТ платформа за пренасочување налози за тргување

21

Друштвото СЕЕ Линк ДОО Скопје, основано од Бугарската, Македонската и Загрепската берза објави Покана за учество на тендер за набавка на ИТ платформа за пренасочување на налози за тргување, стои во соопштението.

Проектот СЕЕ Линк е поддржан од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) која обезбеди грант за финансирање на електронски систем за пренасочување на налози за тргување. Постапката на тендерот ќе биде финализиран заклучно со 01.04.2015 година. Поканата за учество на тендер е објавена на веб страницата на СЕЕ Линк ДОО Скопје и до истата може да се пристапи преку www.see-link.org или директно преку линкот: http://bit.ly/seelink-tender.

Надзорниот комитет на проектот СЕЕ Линк на почетокот на февруари имаше средба во Скопје на која се разгледуваше понатамошната реализација на проектот. Во текот на месец декември 2014 година година проектот беше претставен на членките на сите три берзи – учеснички во проектот во форма на роуд шоуа коишто ги опфатија сите национални пазари на хартии од вредност.

“Успешната финализација на регионалниот проект со берзите од Софија и Загреб на македонските брокери, но и на домашните инвеститори ќе им отвори нови можности и канали за инвестирање. Се надеваме дека преку овој проект на македонскиот пазар ќе се зајакне присуството на регионалните инвеститори, односно дека преку регионалните брокери ќе се зголеми веројатноста да дојдат и инвеститори надвор од регионот“, истакна главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев.

СЕЕ Линк е заедничко друштво со седиште во Скопје основана во мај 2014 година од страна на Бугарската, Македонската и Загрепската берза, со цел креирање на регионална инфраструктура за тргување со хартии од вредност котирани на овие три пазари. Трите берзи имаат подеднакво сопственичко учество во заедничкото друштво.