Volkswagen и Škoda се омилени на пазарот, Audi нема конкуренција во премиум сегментот, а Porsche е јаготката на врвот…
БИ: Продажбата на нови автомобили во Европа е во постојан пад, се затвораат фабрики, се делат откази… Како оваа ситуација се рефлектира во Македонија?
Јас секогаш велам дека географијата не игра голема улога во автомобилската индустрија. Во моментов сме сведоци на забавување на Европската економија и сериозен раст во Азија. Продажбата на нови автомобили кај нас повеќе зависи од релацијата продавач – купувач отколку од продажбата на нови автомобили во Европа. Нашиот пазар има огромен потенцијал, просечно се купуваат само околу 5000 нови возила годишно, а за природна обнова на возниот парк се потребни четири пати по толку возила. И покрај неповолната економска состојба и кревката куповна моќ на граѓаните, потенцијалот на нашиот пазар е мошне солидна основа за автомобилскиот бизнис во Македонија. Потребно е само да се создадат услови за да заживее вкупната економија и напорно да се работи, да се допре до граѓаните за да се искористи тој потенцијал.
БИ: Еврозоната и официјално излезе од рецесија. Според Вас, уште колку време ќе и треба на автомобилската индустрија да закрепне и да тргне по нагорна линија?
Да, бројките покажуваат дека Германија и Франција ја поставија еврозоната на пат кон скромен напредок. Но сепак тоа се статистики, а сите ја знаеме шегата за статистиката – ако главата ви е во фрижидер, а стапалата во оган, статистички вие имате нормална температура. Секако дека земјите беа силно погодени од ударот на економската криза и иако официјално рецесијата заврши, во реалноста таа се уште е присутна во многу земји. Ќе биде потребен долг период на опоравување и уште долго време луѓето ќе се колебаат пред да инвестираат во големи материјални добра. Оние што очекуваат извештајот за излезот од рецесијата да им го подобри бизнисот ќе имаат вистински проблем. Конкретно за нас тие информации се ирелевантни. Ние и во времето кога автомобилската индустрија го доживуваше својот врв, а и последниве години на драстичен пат, напорно работиме да им излеземе во пресрет на клиентите, да ги исполниме и надминеме нивните очекувања. Тие ни враќаат со својата доверба која не одржа на врвот на пазарот и во најтешките денови.
БИ: Многу од големите произведувачи на автомобили го селат производството на исток. Ford од Британија се пресели во Турција, Fiat е во соседна Србија, GM во Белорусија, BMW планира да гради нова фабрика во Источна Европа… Колкави се шансите некој од големите играчи да ја избере Македонија?
Пред 15-тина години Audi беше со сериозна намера да биде пионер во креирањето автомобилско производство во Македонија. Да се оствареше тоа, нашата земја до сега на економски план далеку ќе дотуркаше имајќи предвид дека паралелно со Audi и другите големи концерни ќе отпочнеа со производство на компоненти и опрема во Македонија.
Во сегашните услови сметам дека стратегијата за привлекување на странски инвеститори кои ќе произведуваат автомобилски компоненти е одлична и на долгорочен план сигурно ќе даде резултати за во иднина кога ќе се пласираме како земја производител на светската мапа и некој поголем автомобилски концерн да одлучи кај нас да произведува или асемблира возила.
Македонија има високо едуцирани и квалификувани кадри, пристојна инфраструктура и гео стратешка положба, и како таква може да биде привлечен терен за игра и за големите играчи.
БИ: Порше Македонија е импортер за Volkswagen, Audi, Škoda, а од неодамна сте официјален увозник на Porsche. Кој од овие брендови најмногу се продава во Македонија?
Секој од нашите брендови е уникатен, секој од нив ткае своја приказна и има свои љубители. Заедничко за сите нив е што целта е постигнување на потполно задоволство на клиентите. Но секој од нив има различна мисија, визија и различна целна група. Имаме широка палета на возила – за клиенти кои се вечни авантуристи, за клиенти кои преферираат луксуз, за клиенти на кои им се потребни практични автомобили, за клиенти кои ја ценат економичната страна на автомобилот. Во моментот и Volkswagen и Škoda се омилени на пазарот, Audi нема конкуренција во премиум сегментот, а Porsche е јаготката на врвот… Ако пак зборуваме за моделите – неговото височество GOLF, веќе традиционално ги остава далеку зад себе останатите играчи…
БИ: Каков е трендот на продажба во Македонија, со оглед на куповната моќ на македонските граѓани? Гледано преку бројки, колку нови автомобили годишно продавате?
Познато е дека последниве неколку години продажбата бележи надолен тренд. Куповната моќ на граѓаните е намалена, но не можеме да го кажеме истото и за потребата од мобилност на граѓаните. Ние се трудиме да го искористиме секој потенцијал. На клиентите им нудиме висококвалитетни автомобили со врвна технологија проследени со одлични финансиски инструменти достапни за нивниот буџет. Токму затоа бројот на нашите клиенти, а со тоа и на продадени возила кај нас се зголемува и тогаш кога другите бележат пад. Во бројки, продаваме нешто под 2000 возила годишно. Како компанија владееме со врвот на автомобилската индустрија во Македонија и нашиот пазарен удел постојано се зголемува, пред се затоа што не сме во потрага по брз профит, туку по вмрежување со нашите сегашни и идни клиенти…
БИ: Дали има таканаречени машки и женски модели? На пример, кои автомобили најчесто ги избираат мажите, а кои жените?
Веројатно очекувате да ви кажам дека жените преферираат помали возила додека мажите одбираат џипови, но не. Одамна веќе возилата не се делат на машки и женски. Не ретко се случува маж да купи за себе помало и компактно возило, поради можноста тоа возило полесно да се маневрира во градскиот метеж. Жените пак знаат да одберат некое СУВ возило поради чувството на независност, уживање и апсолутна безбедност, и како такво машки да го извозат.
БИ: Кој е најскапиот автомобил што го нудите на македонскиот пазар?
Можноста секој клиент сам да ја одбере дополнителната опрема при нарачката на возилото, покрај можност за ставање личен печат на тоа возило е и можност за креирање на цената на возилото. Возилото е толку скапо колку што сака клиентот да плати. Поради фактот што во концернот Volkswagen, покрај Porsche, членуваат и ултра – луксузните Bentley, Bugatti и Lamborghini лесно е да се претпостави дека кај нашата понуда – само небото е лимит. Впрочем затоа и постојат соништата – со такво импресивно возило едноставно да се одвозите кон зајдисонцето.
БИ: Што возите Вие?
Секогаш ги одбирам возилата од нашите брендови бидејки сум вљубен во нив и сакам да уживам во легендарен дизајн и перфекција. Особено ги преферирам нашите СУВ возила поради нивниот комфор, моќен мотор, нивната врвна технологија, перформанси и практичност што го прави возењето вистинска авантура.