Семејните лекари го одбележаа светскиот ден посветен на нивната дејност

52

11

Здружението на лекари по општа – семејна медицина на РМ, во заедништво со граѓаните го одбележаа Светскиот ден на семејните лекари, на улица Македонија под слоганот Семеен лекар –  за здраво семејство, под покровителство и со поддршка на Алкалоид.

На овој ден посветен на врската меѓу семејните лекари и граѓаните, како и на значењето на превентивната здравствена заштита преку редовни и навремени прегледи, семејните лекари на граѓаните на Скопје им мереа крвен притисок, холестерол и триглицериди во крвта. Заедно со резултатите, граѓаните добиваа и соодветни медицински препораки и совети за тоа на што треба особено да повнимаваат со цел да ја подобрат сопствената здравствена состојба.

Оваа година, Светскиот ден на семејните лекари се одбележува по втор пат, но прв пат како караван во пет града низ Републиката. Следните средби со граѓаните ќе ги направат семејните лекари во Велес на 20.05, во Кочани на 21.05, во Битола на 22.05 и во Тетово на 23.05.

„Денес го обележуваме Светскиот ден на семејниот доктор, со цел да ја потенцираме улогата на семејниот доктор во нашиот здравствен систем и во здравствената грижа за пациентите. Дополнителен мотив за нас е и зголемувањето на бројот на семејните доктори од година во година, бидејќи според стратегијата на македонското здравство, сите избрани доктори треба да бидат специјалисти по семејна медицина до крајот на 2020 година“, изјави претседателот на ЗЛОМ-СМ, др. Нада Аницин.

Светската здравствена организација на Семејните лекари (WONCA) чиишто член е ЗЛОМ-СМ, за прв пат го декларираше Светскиот Ден на Смејните Лекари во 2010 година. Оттогаш, денот традиционално се одбележува на светско ниво со цел да ја прослави улогата и придонесот на семејните – матични лекари во здравствените системи во целиот свет.