Serbia open office – слоган за привлекување дигитални номади

27

Туристичката организација на Србија (ТОС) претстави нов туристички производ Србија отворена канцеларија, Serbia open office наменет за патници кои сакаат својата работа да ја извршуваат надвор од нивното место на постојан престој, а слободното време да го користат за туристички посети.

Бидејќи бројот на оние кои можат да работат од дома е значително зголемен за време на пандемијата, побарувачката за дестинации и објекти од кои со помош на брз интернет може да се вршат редовни работни активности е зголемена, се вели во соопштението на ТОС. Се додава дека овие патници, т.н. дигиталните номади ја познаваат Србија и нејзините туристички потенцијали од порано.

“Туристичката организација на Србија ја препозна можноста и трендот во кој луѓето не се толку приврзани кон канцеларијата и бараат инспиративно и квалитетно место од каде би можеле да работат. Србија го има токму тој потенцијал да може да ги задоволи барањата на оваа категорија туристи преку својата туристичка понуда“, рече директорката на Туристичката организација на Србија, Марија Лабовиќ.

Искуствата покажуваат дека туристите од Западна Европа, САД и Канада се најзаинтересирани за овој облик на патување, а во последно време интерес покажуваат и гости од Русија, Кина, Турција и земјите од регионот.

Фото: Pixabay