Сертификати за обучените градежни работници за енергетска ефикасност

60

Во Стопанската комора на Македонија денеска беа доделени сертификати на првите 200 тренери во рамки на проектот Build up Skills – Обука за градежни работници за енергетска ефикасност.

Проектот е иницијатива на Европската комисија за постигнување на енергетските цели 20 20, а Македонија учествува преку конзорциум предводен од Стопанската комора, пишува Миа.

“Македонија е единствена земја надвор од земјите на ЕУ која е вклучена во овој проект. Затоа, со особено внимание го работиме проектот и ги едуцираме тренерите, а понатаму и работниците за земјава да ги достигне целите што се зацртани во стратегиите за енергетска ефикасност на Република Македонија и на Југоисточна Европа за намалување на потрошувачката на енергија, изјави Јадранка Аризановска од Стопанската комора пред почетокот на доделувањето на сертификатите.

Таа нагласи дека токму градежните објекти се класифицирани како најголеми потрошувачи на електрична енергија.

Координаторот на процесот за препознавање на вештините и знаењата, проф. Кристина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје (ФЕИТ) посочи дека моделот за препознавање  на знаењата и вештините прв пат се применува во Македонија, а е на зачеток и во ЕУ.

“Со денешниот ден завршува првиот дел, а од утре почнуваме со најмасовниот дел од проектот – на 1.000 работници од градежниот сектор да им се препознаат дипломите, односно нивните претходни знаења и вештини. Тоа е тежок процес бидејќи станува збор за една стопанска област во која има многу работници кои имаат знаења и вештини и работат на објектите, а од друга страна немаат формално образование. Целта на моделот што го разработи ФЕИТ во рамките на проектот е токму да им се признае нивното неформално образование, односно сето она што го стекнале како знаење во областа на енергетската ефикасност да им биде сертифицирано и да добијат дипломи“, рече Спасевска.