Мали плати, лошо сместување – такви се условите за работа на сезонските работници кои во Германија работат за големата трговска компанија Амазон, пишува Дојче Веле.
Амазон е американска трговска компанија која се занимава со продажба на стока преку интернет. Логистички центри во кои се врши пакување и се подготвува испорака на нарачаната стока има и во Германија. Репортери на германска телевизија ARD снимиле репортажа за условите под кои работат вработените во Амазон. Таканаречените “позајмени” работници кои на одредено време ги ангажира Амазон, односно ги “позајмува” од други компании, до своето работно место мораат да патуваат по неколку часа. Во мали бунгалови живеат по 6-7 луѓе. Работните договори ги добиваат дури откако ќе пристигнат во Германија. Работниците наводно работат и по 15 часа и постојано се под надзор на обезбедувањето.
Опишаните услови ги потврди и Норберт Фалтин, вработен во логистичкиот центар на Амазон во Кобленц, во близина на Келн. Фалтин е активен во синдикатот Верди, а исто така вели дека е “100% Амазонец”. Тој вели дека “рацете им се полни со работа” од жалби и поплаки, особено околу божиќните празници, кога вообичаено Амазон вработува илјадници сезонски работници од цела Европа. Фалтин смета дека случаите прикажани во репортажата се симптоматични за, како што наведува, системот на Амазон. Такви случаи има и во многу други логистички центри во Германија. Но, тој ги отфрла наводите дека работниците од странство, особено од земјите погодени со кризата, како Грција и Шпанија, во Амазон се работници од втора класа.
Германските потрошувачи по објавувањето на репортажата реагираа со лутина и на социјалните мрежи повикаа на бојкот на оваа компанија.
Амазон најави дека ќе ги разгледа обвинувањата, покрај останатото и оние кои се однесуваат на тоа дека во редовите на вработените од обезбедувањето има хулигани и десни екстремисти.
“Компанијата не трпи дискриминација, ниту обиди за заплашување”, соопшти Амазон, пренесува Дојче Веле.