Шахпаска за недела неработен ден: Кравите мораат да се молзат во недела, за да има млеко во понеделник

124

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска  во емисијата 24 Анализа на Телевизија 24, зборуваше за пензискиот систем, законското решение недела да биде неработен ден, невработеноста во услови на пандемија и политиките и мерките за полесно премостување на кризниот период.

“Во собраниска процедура се четири закони, тоа се Законот за работни односи, Законот за јавна администрација, Законот за здравствена заштита и Законот за вработени во високото образование. Сите тие се дел од пакетот закони кои што предвидуваат пензионирање со 64 години возраст и 15 години работен стаж, предложени од пратениците. Конкретно за Законот за работни односи има поднесено 480 амандмани, а најголем број од нив се однесува кога да се започне со имплементација на законското решение“, посочи министерката потенцирајќи дека постојат механизми согласно собраниската процедура процесот да се откочи.

Таа посочи дека ова законско решение претставува барање упатено од страна на граѓаните и на последните избори. Притоа на овој начин се ослободуваат работни места кои најчесто се од јавен сектор, се отвора  можност да се реформира администрацијата и да влезат млади кадри кои ги имаат потребните вештини за современите процеси и се создаде ефикасна јавна администрација.

Во однос на прашањето за докуп на стаж министерката истакна дека тоа е дел од владината програма и останува да биде реализирано до крајот на мандатот на оваа Влада. Како приоритет на кој активно работи министерството , министерката го посочи Законот за работни односи кој треба околу средината на оваа година да биде готов и дополнително Законот за безбедност и здравје при работа. Два стратешки важни документи кои треба да бидат донесени оваа година.

За законското решение недела да биде неработен ден министерката Шахпаска истакна подготвената драфт верзија е разгледана и на седница на Економско социјален совет и со писмен допис испратена до сите засегнати страни.

“Сакам да ги демантирам Сојузот на синдикатите, дека не се вклучени во работата, бидејќи имам дописи во кои тие го откажуваат своето присуство во дебатите. Работиме на законските решенија за недела – неработен ден. Направивме две драфт верзии на законот, и дојдовме до заклучоци споредбено со земјите каде веќе недела е неработен ден. Мораат да се молзат кравите во недела, за да има млеко од понеделник. Јасно е дека треба да има надомест за работа во недела, но постојано се јавуваат дејности кои се засегнати од оваа дебата. Треба да го дефнириаме сето ова, со оглед на тоа дека треба да има ослободени од работа во недела, но има и неопходни дејности кои мораат да работат и во недела. Но, морам да напоменам дека не сакаме ова законско решение да има своја имплементација во услови на Ковид пандемија“, појасни министерката Шахпаска.

Министерката посочи дека суштината на реформата во пензискиот систем е обезбедување на негова стабилност, навремена исплата на пензиите и нивни раст.

“Со јануарската пензија, пензионерите ќе го добијат усогласувањето по Закон, што значи зголемување на минималната пензија за 134 денари, а просечната за 185 денари месечно, на годишно ниво тоа е е околу 2.200 денари. Вакво усогласување со трошоците за живот пензионерите ќе добиваат два пати во годината и дополнително со растот на бруто домашниот производ, како трет механизам“, рече таа.

Министерката потенцираше дека и во услови на пандемија земјата бележи 16,5% невработеност во третиот квартал , што е пад од 0,6% споредено со лани. Таа се осврна на поставените приоритети на Владата и МТСП, зачувувањето на секое работно место преку пакетите економска помош и Оперативниот план за активни мерки и програми со успешна реализација од 94,5%.