Шеф Бобан Симоновски од тимот на Гастро Мак прогласен за најдобар готвач на шампионатот Ниш 2016

102

1abd3fe8-e5c1-4435-ac1e-f861e13ea9bd

Македонскиот национален тим предводен од шефовите на Здружението на готвачи Гастро Мак, од третиот Меѓународен гастро-туристички шампионат Ниш 2016, што се одржа 08-10 јуни, се врати со Пехар за најдобар готвач, Пехар за најдобар ресторан, освоени 15 златни медали, дипломи за поддршка и развој на гастрономијата и почесно членство на Гастро Мак во Асоцијациите на шефови на регионот Сицилија од Италија и Романија.

Тимот на Здружението на готвачи Гастро Мак се натпреваруваше во сениорска конкуренција во пет категории: подготвување на чорба од риба, национална кујна, подготовка на јадење на скара, национална кујна на модерен начин и подготовка на фламбирано јадење пред гостин.

Ресторанот ЈУГ од Мрзенци беше прогласен за најдобар партнерски ресторан и беше генерален покровител на Македонската вечера на Шампионатот Ниш 2016

Здружението на готвачи Гастро Мак го предводеше капитенот шеф Зоран Андонов, шеф на кујна во ресторан Албис Гостивар, кој освои златен медал во категорија подготвување на чорба од риба и златен медал во категорија подготвување на модерна кујна. Бобан Симоновски, шеф на кујна во ресторан Скара бар, го освои Пехарот за најдобар готвач на Шампионатот и златни медали во категорија чорба од риба, подготвување на национално јадење на модерен начин, традиционална кујна и јадење на скара. Зоран Мајновски, шеф на кујна во ресторан Естел освои златни медали во категорија подготвување на фламбирано јадење пред гостин, чорба од риба, подготвување на национално јадење на модерен начин, традиционална кујна. Бобан Билбиловски, шеф на кујна во ресторан Електра гарден, Тетово, освои златни  медали во категорија подготвување на чорба од риба, подготвување на јадење на скара и традиционална кујна. Влатко Ѓоргиески, шеф на ресторан во хотел Бетон, Охрид, освои златни медали во категорија чорба од риба, подготвување на традиционална кујна и модерна кујна.

Годинава на Шампионатот учествуваа околу 400 натпреварувачи и 30 меѓународни судии од 20 земји: Германија, Романија, Словенија, Црна Гора, Швајцарија, Италија, Израел, Холандија, Велика Британија, Словачка, Србија, Бугарија, Грција, Тунис, Унгарија, Босна и Херцеговина, Австрија, Азербејџан, Хрватска и Македонија.

Шефовите на Гастро Мак подготвија 1.000 порции јагнешка чорба за посетителите на Нишкиот саем, кои со голем интерес ги следеа натпреварите во поединечните и екипните категории. На Македонската вечер, гостите во духот на традицијата ги вкусија многубројните препознатливи специјалитети – тавче гравче, мусаката со патлиџани, турлитава, тавче ориз, компир печен во фурна, јагнешка чорба, јагнешко и јарешко печено месо, повеќе видови меса и колбаси подготвени на традиционален начин, познатите пинџур, ајварите на ДИ-ЕМ и ВОРИ, препознатливи во регионот како “македонскиот кавијар”, макало, македонски кашкавал и биено сирење. Во делот на десертите беа послужени слатко до смокви, кадаиф и раванлија. Вкусната храна беше надополнета со големиот избор на македонски вина од винариите Стоби, Далвина, Виналија визба Валандово и познатите вина и струмичка мастика на Грозд Струмица.

Завршната вечер на Шампионатот, на која домаќин беше македонскиот тим, беше обогатена со избор за Убавица на туризмот 2016. Македонскиот тим, во насока на промоција на туризмот на Република Македонија, во соработка со хотел Бетон од Охрид, на победничката ѝ подари престој во нашиот најпознат туристички центар Охрид.