Шефицата на ММФ предупредува на „многу полош исход“ ако војната на Блискиот Исток продолжи

Инфлацијата веќе расте, а глобалната економија би можела да се соочи со „многу полош исход“ ако војната на Блискиот Исток продолжи во 2027 година, а цените на нафтата достигнат околу 125 долари за барел, предупреди шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.

Таа истакна дека продолжувањето на војната значи дека „референтното сценарио“ на ММФ, кое претпоставува краткорочен конфликт и кое предвидува мало забавување на растот на 3,1 процент и мало зголемување на цените на 4,4 проценти, повеќе не е можно.

Продолжувањето на војната, прогнозата за цените на нафтата на или над 100 долари за барел и растечките инфлаторни притисоци значат дека „неповолното сценарио“ на ММФ веќе е на сила, рече таа.

Долгорочните инфлаторни очекувања останаа закотвени, а финансиските услови не се заострија, но тоа би можело да се промени ако војната продолжи, изјави шефицата на ММФ на конференција организирана од Институтот Милкен.

„Сега, ако ова продолжи во 2027 година и имаме цени на нафтата од околу 125 долари, тогаш мора да очекуваме многу полош исход. Потоа ќе видиме зголемување на инфлацијата и тогаш неизбежно инфлаторните очекувања ќе почнат да отстапуваат“, рече Георгиева.

Минатиот месец, ММФ објави три сценарија за трендот на раст на глобалниот БДП во 2026 и 2027 година во услови на голема неизвесност поради војната на Блискиот Исток – главната „референтна прогноза“, средното „неповолно сценарио“ и многу полошото „тешко сценарио“.

Неповолното сценарио предвидува забавување на глобалниот раст на 2,5 проценти во 2026 година и вкупна инфлација од 5,4 проценти. Тешкото сценарио предвидува раст од само 2 проценти и вкупна инфлација од 5,8 проценти.

Глобален недостиг поради Ормускиот теснец
Учествувајќи во истата панел-дискусија, претседателот и извршен директор на нафтената компанија „Шеврон“, Мајк Вирт, изјави дека физичкиот недостиг на снабдување со нафта ќе почне да се појавува низ целиот свет поради затворањето на Ормускиот теснец, низ кој пред војната минувале 20 проценти од глобалното снабдување со сурова нафта.

Економиите ќе почнат да се намалуваат, прво во Азија, бидејќи побарувачката се прилагодува на снабдувањето додека теснецот останува затворен поради американско-израелската војна со Иран, рече Вирт.

Георгиева рече дека ММФ внимателно го следи бавното влијание на конфликтот врз синџирите на снабдување, при што ѓубривата веќе се поскапи за 30 до 40 проценти, што може да доведе до зголемување на цените на храната помеѓу 3,0 и 6,0 проценти, а и други индустрии би можеле да бидат погодени.

„Она што сакам да го нагласам е дека е навистина сериозно“, рече таа, изразувајќи загриженост што многу креатори на политики сè уште се однесуваат како кризата да ќе заврши за неколку месеци и воведуваат мерки за намалување на нејзиното влијание врз потрошувачите и компаниите, што ја одржува побарувачката за нафта висока. „Не додавајте масло на огнот. Сите присутни овде знаат дека ако вашата понуда се намали, вашата побарувачка мора да се прилагоди“, рече Георгиева.