Шефот на Дојче Банк: „Инфлацијата е отров за општеството“

71

Шефот на Дојче Банк, Кристијан Севинг, ја опишува бесната инфлација како отров за општеството и предупредува дека постојаното зголемување на цените на сè, се заканува со рецесија.

Кога 40 отсто од граѓаните велат дека на крајот на месецот не можат да остават евро настрана, тоа значи дека е загрозен социјалниот мир во Германија, рече Севинг во понеделникот на банкарска конференција во Франкфурт, пренесе ДПА.

Континуираниот инфлациски притисок се заканува со рецесија, рече Севинг, додавајќи дека нарачките на компанијата се сè уште полни, а профитот е силен, но дека со страв ги чека следните 12 месеци.

Покрај експлозивниот раст на цените, ситуацијата е отежната и од пандемијата, прекумерните синџири на снабдување и тесните грла на пазарот на трудот. Ако војната во Украина навистина го запре увозот на руски гас, германската економија ќе западне во „длабока рецесија“, рече Севинг.

Тој оцени дека Европската централна банка (ЕЦБ) доцни и недоволно е децидна во зголемувањето на референтната каматна стапка, основната мерка за „ладење“ на инфлацијата.

Севинг додаде дека се надева оти американската централна банка ќе ја зголеми основната каматна стапка за уште 0,75 процентни поени, односно дека ЕЦБ ќе реагира порано од очекуваното.

Во јуни потрошувачките цени во еврозоната, односно во 19-те земји-членки на ЕУ кои го користат еврото како заедничка валута, пораснаа со годишна стапка од 8,6 отсто. Во Германија таа стапка достигна 7,6 отсто.