Шефот на FCA фаворит за нов предводник на Ferrari

15

По оставката и неочекуваната пензија на Луис Камиљери, извршниот директор на FCA Мајк Менли е фаворит за преземање на улогата на извршен директор во Ferrari.

Според италијанскиот весник Il Messaggero, првиот човек на Fiat Chrysler Automobiles, Мајк Менли, важи за прв фаворит за преземање на улогата на шеф на Ferrari, откако Камиљери одлучи да замине во пензија. Поранешниот шеф на италијанскиот производител во моментов закрепнува од Covid-19 во домашни услови, откако претходно краток период беше примен и во болница. Во моментов, неговата функција привремено ја има претседателот на FCA Џон Елкан, додека Ferrari во меѓувреме е во потрага по перманентна замена.

Сепак, ако се верува на најновите информации кои пристигнуваат од Апенините, Елкан размислува за тоа да му го довери Ferrari, највредниот бренд на неговото семејство, на 56-годишниот Менли, британски бизнисмен кој стана извршен директор на FCA во јули 2018 година.

Италијанскиот весник исто така вели дека Менли е тип на кандидат кој би можел да го врати славното минато на Ferrari во Formula 1, каде Scuderia не успеа да забележи ниту една победа цела година. Во меѓувреме и од Ferrari и од FCA одбиваат да ги коментираат овие наводи.

Интересно е тоа што во Stellantis, субјектот кој ќе настане по спојувањето на FCA и PSA, нема да има место за Мајк Менли во раководната структура, што беше изненадување, со оглед на важната функција која ја извршува во FCA. Но, се чини дека шефовската функција во Ferrari може да биде компензација за неговото изземање од управата на новата компанија.

Преземено од Avtoplus.mk