Шефот на ИЕА предупреди:„Цените на енергијата може повторно да пораснат оваа зима“

31

Цените на енергијата би можеле повторно да пораснат оваа зима, предупреди денеска шефот на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), Фатих Бирол.

– Доколку се реализира сценарио во кое кинеската економија е многу силна и купува многу енергија на пазарот и во исто време зимата е силна, можно е цената на природниот гас да се зголеми, што дополнително ќе ги оптоварува потрошувачите – изјави Бирол во интервју за BBC Today.

Тој рече дека владите треба да штедат енергија и да поттикнуваат добивање енергија од обновливи извори. Бирол додаде дека многу европски влади направиле „стратешки грешки“, вклучително и преголема зависност од Русија и дека надворешната политика е „заслепена“ со краткорочни деловни одлуки.

Тој се осврна и на климатските цели на светските влади, нагласувајќи ја важноста од намалување на потрошувачката на енергија.

– Доколку светот е сериозен во борбата против последиците од климатските промени, ќе мораме значително да ја намалиме потрошувачката на нафта и гас во наредните години – рече шефот на IAE.

Според него, доколку се намали потрошувачката, постојните наоѓалишта на нафта и гас ќе бидат доволни за да се задоволи побарувачката за овие извори на енергија.