Shell оствари рекорден профит од 9,1 милијарди долари

32

Нафтениот гигант Shell постигна највисок квартален профит од 2008 година, во првите три месеци од оваа година, во износ од 9,1 милијарди долари, благодарение на високите цени на нафтата и гасот.

Прилагодената добивка на Shell се зголеми речиси тројно во однос на 3,2 милијарди долари во првиот квартал од минатата година и 2,7 милијарди повеќе од добивката во четвртиот квартал од 2021 година, која изнесуваше 6,4 милијарди долари, пренесуваат западните агенции.

Извештајот на Shell ги охрабри еколошките активисти и политичарите повторно да побараат воведување на еднократен итен данок на добивка за нафтените и гасните компании, што во голема мера е резултат на зголемените цени на енергијата. Според Блумберг, британскиот премиер Борис Џонсон изгледа веќе ја отфрлил таквата можност, наведувајќи дека тоа би ги обесхрабрило виталните инвестиции во домашното снабдување со енергија.

Shell потврди дека отпишала средства од 3,9 милијарди долари на име на излегувањето на компанијата од операциите во Русија, вклучително и проектот за течен природен гас Сахалин-2.

Компанијата претходно предупреди дека по повлекувањето од Русија може да ги отпише своите средства во вредност од 4,0 до 5,0 милијарди долари. Од Shell велат дека не се очекува овие трошоци да влијаат на усогласената заработка.

Акциите на Shell утринава на лондонската берза скокнаа за 2,3 отсто на 22,76 фунти, а од почетокот на годината поскапеа над 36 отсто.

Компанијата, исто така, објави зголемување на дивидендата од околу 4,0 отсто до 0,25 долари по акција за првиот квартал.