Шенјанг – град на развиена индустрија, роботика и најголема база на BMW

123

Шенјанг е град во североисточниот дел на Кина, којшто е карактеристичен, од една страна, по историјата и вековната традиција, и технолошкиот и индустриски раст, од друга страна.

Станува збор за град во којшто 70% од популацијата се млади луѓе, а минатата година бруто домашниот производ по глава жител им бил 11.500 долари. Шенјанг може да се пофали со бројни иновативни, технолошки и индустриски центри, во коишто се развиваат модерни технологии и привлекуваат млади таленти.

Градот, којшто има околу осум милиони жители, е развоен центар за роботика, па многу фабрики во Шенјанг произведуваат различни видови на интелигентни индустриски роботи што наоѓаат широка примена. Припаѓа во групата на 10 градови во Кина коишто имаат најдобра бизнис клима во земјата, меѓу другото, беше истакнато на онлајн средбата Странски медиуми во посета на Шенјанг, во организација на China Media Group, CRI Online.

Освен за напредни технологии, градот може да се пофали дека е најголема база на автомобилскиот гигант BMW надвор од Германија. Автомобилската групација за оваа година најави инвестиции од околу 620 милиони долари во фабриката во Шенјанг, со што прераснува во глобален производен центар. Кина е најголем пазар за возилата на BMW, а само минатата година се продадени над 720.000 автомобили.

Градот има над 500 технолошки компании, коишто извезуваат во над 20 земји во светот.

Фото: Pixabay