Шест знаци дека е време да ја смените работата

25

crveno-svetlo-pixabay

Фото: Pixabay

Дури и најдобрата работа на светот може во еден момент да се претвори во нешто што веќе не ви носи задоволство. Некои знаат да кажат дека се што е убаво некогаш ќе мора да заврши, но во случај кога имате сериозни нерешени проблеми на работното место, најдобар потег за вас (и за вашиот работодавач) е да не го одложувате заминувањето, советува Хедер Хуман за Бизнис инсајдер.

И покрај лошата економска ситуација, секогаш може да се најде работа што ќе ве направи задоволни. Сепак, од клучно значење е пред да донесете одлука да заминете, да направите проценка дали се работи за лош ден на работа или е време за промени, советува Хуман.

Еве неколку знаци кои укажуваат на тоа дека е време за следниот чекор во вашата кариера:

1. Компанијата пропаѓа

Во овој случај важно е да преземете мерки додека бродот се уште не потонал. Времињата се тешки за многу компании, па затоа е важно да сте максимално свесни што се случува во вашата. Ако се покаже дека бизнисот на работодавачот тргнал надолу, можеби е време да си одите навреме и да не чекате да бидете отпуштени.

2. Досадно ви е

Ако веќе ништо не ви претставува предизвик на работното место, многу е веројатно дека ќе страда целата ваша работа. Можеби тоа е моментот кога треба да се разделите со својата позиција и да најдете нова област, па дури и ако е во рамките на истата компанија. Во овој случај најдобро е да разговарате со својот менаџер и да најдете излез од ситуацијата.

3. Веќе не учите ништо ново

Тривијален факт е дека стручниот развој е клучен за кариерата. Ако работата не ве учи на ништо ново, можеби е време да се преместите на друго работно место на кое ќе продолжите да апсорбирате нови знаења и вештини.

4. Здравјето ви е изложено на ризик

Многу стрес, несигурност и страв можат да доведат до долготрајни ефекти врз здравјето. Без разлика дали станува збор за физичкото или менталното здравје, не смеат да бидат загрозени на работното место и треба да се земат в предвид при евентуална промена на работата.

5. Сте откриле нешто ново

Понекогаш најдобрите предлози за нова работа може да никнат од никаде. Иако не секогаш новата позиција што ви се нуди е подобра од старата, ова е едно од најдобрите сценарија, ако сакате да го смените работното место.

6. Се однесуваат лошо со вас

Никој на работното место не треба да биде малтретиран на каков и да е начин. Ако некој се однесува лошо со вас, оценете ја ситуацијата во моментот и поразговарајте со надлежните од одделот за човечки ресурси. Никогаш не се плашете да ја напуштите позицијата на која сте малтретирани, советува Хуман.