Шпанија ги оданочува банките за да им помогне на граѓаните

340

Социјалистичката влада во Шпанија ќе воведе привремен данок за банките и енергетските компании, со цел да им помогне на граѓаните поради економската криза.

Инфлацијата во оваа земја е повеќе од 10 проценти и е највисока во последните 37 години. Цената на струјата е највисока досега, што е голем удар за џебот на граѓаните. Затоа владата е принудена да дејствува за да им олесни финансиски.

Владата очекува да обезбеди седум милијарди евра во следните две години преку привремено оданочување на банките и енергетските компании.

Парите ќе бидат искористени за на населението да се обезбеди бесплатно патување со воз на пократки и малку подолги релации од септември до декември. Станува збор за услуги на јавно железничко претпријатие.

Две милијарди евра ќе се одвојат за школарина, а финансиски средства ќе се потрошат за изградба на 12.000 станбени единици во Мадрид.

Во своето обраќање пред парламентарците, премиерот Педро Санчез изјави дека граѓаните живеат во тешки времиња и дека платите не растат многу.

Владата најави дека со привремен данок сака да го ограничи вишокот профит што ќе го остварат банките поради зголемувањето на каматите.

Овој план на шпанската влада предизвика ненадеен пад на вредноста на банкарските акции, а предизвика и незадоволство во банкарскиот сектор, пишува Business Insider.