Штериева: Можете да ги вршите сите вообичаени банкарски активности

72

Банките и штедилниците продолжуваат да работат и по прогласувањето вонредна состојба. Ќе можете да ги вршите сите вообичаени банкарски активности, како и до сега, во делот на депозитното работење, кредитирањето, плаќањата, наплатите и тн, порача претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова – Штериева. Укажа дека процесот е побавен од вообичаено, но тоа се должи на сетот мерки кои банките ги имаат преземено за заштита на здравјето на клиентите и на вработените, но и за обезбедување континуитет во работењето.

“Подигнувањето готовина ве изложува на зголемен ризик од повеќе аспекти: интензивни контакти со други луѓе, потенцијално губење или кражба на вашите пари. Особено апелираме да се воздржувате од подигање готовина во девизи бидејќи девизите доаѓаат од меѓународниот платен промет и се потенцијална зараза со вирус, а истите не се платежно средство во нашата земја и не се неопходни за вашите секојдневни потреби“, порачува Штериева.

Упати апел да се плаќа со платежни картички, да се користи електронско банкарство, а готовина, да се вади од банкомати со цел што помалку да се користат шалтери.

Што се однесува до економските ефекти од кризата и можноста за плаќање на обврските на компаниите и населението кон банките во иднина, таа соопшти дека претставници на банките активно соработуваат со Народната банка за изготвување решение кое ќе придонесе за олеснување на финансискиот товар на населението и на корпоративниот сектор и со тоа полесно надминување на негативните економски последици од пандемијата.

“Од понеделник влегуваме во последната декада од месецот, што значи дека се ближи исплата на пензиите. Сите знаеме како изгледаат банкарските шалтери кога се исплатуваат пензиите, а во моментот токму оваа категорија од населението е најранлива од аспект на изложеност на вирусот. Поради тоа од вчера започнавме интензнивна комуникација со Владата за изнаоѓање начин за безбедна исплата на пензијата на сите пензионери кои ќе сакаат да ја подигнат во готовина. За ова ќе имаме дополнително соопштение и јавноста ќе биде навремено информирана“, вели Штериева.

Фото: Pexels