Што е амортизација?

2367

tabla

Фото: Pixabay

Амортизацијата претставува постепено отпишување на вредноста на основните средства со коишто располага компанијата. Во основни средства влегуваат сите материјални и нематеријални средства коишто компанијата ги користи подолг временски период, најчесто над една година.

Основна причина поради којашто се пресметува амортизацијата е трошоците од повеќегодишната употреба на одредено средство да се распоредат по години, а не целиот износ на трошокот да отпадне само на една година, со што ќе влијае на деловниот резултат за таа година.

Динамиката на трошење на основните средства се одредува во компанијата во зависност од тоа колку одредено основно (материјално или нематеријално) средство ќе биде економски и технолошки ефикасно. Доколку одредено средство се троши рамномерно, секоја година ќе биде отпишуван ист износ. Но, ако средството повеќе се троши во првите години од користењето, препорачливо е користење на дегресивен метод на пресметка на амортизација. Може да се користи и функционален метод, каде што трошокот за амортизација се одредува во склад со бројот на производи или услуги што се добиени како резултат на искористувањето на средството.

За различни видови на основни средства, постои различна годишна стапка на отпис на вредноста. На пример, зградите имаат годишна стапка на амортизација од 2,5% од набавната вредност, компјутерската опрема со софтвер, телекомуникациската опрема и слично се амортизира со 25% од вредноста по којашто е набавена.

Вредноста што сметководствено се отпишува секоја година претставува трошок, но во исто време се акумулира. Тоа значи дека откако одредена машина, опрема или инвентар се расходува, годишната амортизација се акумулира и претставува извор на средства за набавка на нови.