Што е бизнис акцелератор?

1172

startup-pixabay

Фото: Pixabay

Секој старт – ап кога ги прави првите чекори во светот на бизнисот се соочува со предизвици. За да може што е можно полесно да ги надмине сите потешкотии, овие бизниси можат да добијат поддршка од бизнис акцелератор.

Бизнис акцелератор

По дефиниција, бизнис акцелераторот претставува едукативна програма, којашто во точно утврден временски период на сопствениците на стартапи им нуди можност да стекнат одредени вештини, искуство и знаење што е практично применливо. Во рамки на овие програми работат професионалци и експерти кои имаат за цел да им помогнат на претприемачите да ја разработат својата идеја, да го анализираат своето место на пазарот, да го унапредат производот или услугата што ја нудат, да ги дефинираат своите слаби и силни страни, да ги идентификуваат целните групи на потрошувачи…

Во оној момент кога претприемачот заедно со неговиот бизнис влегува во акцелераторот, тој не добива само менторство, туку и можност за обезбедување на потребната финансиска поддршка. На овој начин, акцелераторот стекнува дел од сопственоста на стартапот, којшто има потенцијал да се развие во успешен бизнис на долг рок.

Целта на акцелераторот е да го забра развојот на стартапот, да му обезбеди логистичка, финансиска и експертска поддршка за да може за извесен период да застане на здрави нозе и да прерасне во успешна компанија.

Бизнис инкубатор

Главната задача на бизнис инкубаторот е поддршка за отворање и развој на стартапи од различни области. Во светот постојат најразлични видови на инкубатори, но она што е заедничко за сите е тоа што нудат услуги и стручна поддршка на претприемачите во градењето на основата на бизнисот.

Во рамки на инкубаторите, сопственици на стартапи имаат на располагање канцелариски простор, опрема, како и стручна, правна и административна поддршка. Првите чекори на секој бизнис се најтешки, па така инкубаторите им овозможуваат бесплатно користење на простор, компјутер, телефон, интернет, услуги на правник, сметководител… Ваквата поддршка е временски ограничена, односно трае додека бизнисот не почне да генерира доволно приходи за да ги покрива трошоците.

Посебен вид на инкубатори се научно – технолошките паркови, коишто се основаат со цел да ги поврзат науката и економијата заради создавање на иновации, зголемување на вработеноста, поттикнување на претприемачкиот дух како и зајакнување на пазарната конкуренција.

Акцелератор vs инкубатор

Иако и акцелераторот и инкубаторот своите ресурси ги насочува кон поддршка и развој на бизнисите во нивната почетна и рана фаза, сепак постојат одредени разлики меѓу нив. Главната разлика е во тоа што акцелераторот е програма за едукација со голема можност за финансирање преку удел во стартапот, додека инкубаторот повеќе се насочува кон логистичка поддршка на бизнисот. Инкубаторите може да се третираат како заеднички простор за работа, каде што претприемачите имаат на располагање повеќе услуги како што се сметководство, маркетинг, вмрежување и слично.