Што е Бруто домашен производ?

2493

pari-1

Фото: Pixabay

Бруто домашниот производ (БДП) ја претставува вредноста на финалните добра и услуги произведени во рамки на една економија во текот на една година. Од друга страна пак, Бруто националниот производ (БНП) ја изразува вредноста на финалните добра и услуги со чија продажба резидентите остваруваат приходи без оглед на тоа дали производството е остварено во или надвор од границите на неговата матична земја.

При калкулирање на Бруто домашниот производ се зема вредноста само на финалните добра и услуги, односно се исклучуваат таканаречените интермедијарни добра. Со еден збор, интермедијарните добра својата вредност ја пренесуваат на финалното добро или услуга.

БДП претставува макроекономски индикатор којшто ја отсликува економската активност на земјата во одреден временски период. БДП по глава жител (GDP per capita) е показател за економски раст и висина на животниот стандард на населението. Со овој показател може да се споредува квалитетот на живот меѓу две или повеќе земји, утврдувајќи го просечниот животен стандард на населението. GDP per capita се пресметува така што вкупната вредност на БДП се дели со бројот на жители на таа земја.

Номиналниот БДП се пресметува по тековни цени, при што количината на финалните добра и услуги се множи со цените коишто се актуелни во годината за којашто се прави калкулацијата. Реалниот БДП се изразува по постојани цени, така што добрата и услугите се множат по цени утврдени во базната година.

Односот меѓу номиналниот и реалниот бруто домашен производ се нарекува БДП дефлатор.

Бруто домашниот производ може да се пресмета со помош на две методи: БДП како збир на вредноста на финалните добра и услуги или БДП како збор на трошоците за ангажираните ресурси за производство на финалните добра или услуги.

Треба да се има предвид дека бруто домашниот производ не е секогаш единствениот показател за економски раст на земјата, бидејќи поголемиот бруто домашен производ по дефиниција не мора да гарантира поголем квалитет на живот на луѓето. На пример, поголемо производство на оружје значи повисока вредност на бруто домашниот производ, но не и подобар животен стандард на населението. Поради тоа, модерната економија при пресметките на БДП ги отфрла сите оние ставки коишто не придонесуваат за подобар живот на луѓето, како што се производство на оружје, загадување на животната средина и слично.