Што е даночна евазија?

2249

Зборот евазија има латинско потекло од зборот evasion, што значи бегање, избегнување, бегство… Во даночната терминологија, даночна евазија ги претставува сите начини на избегнување на плаќање на данок.

Со оглед на тоа што даночните приходи се дел од вкупните приходи на државата, даночната евазија влијае на намалување на вкупните приливи на државата, односно намалување на количината на пари што ги има на располагање во текот на буџетската година. Избегнување на законската обврска за плаќање на давачките кон државата може да ги намали приходите што државата ги трансферира во повеќе области од нејзина надлежност, како што се: здравство, образование, социјална заштита, инфраструктура…

Даночната евазија може да се најде во две форми: законска или незаконска евазија.

Законската евазија ги опфаќа постапките на даночниот обврзник со коишто се избегнува плаќање на данокот (делумно или целосно), но не се повредуваат законските норми. Еден од облиците на законска евазија претставува легитимното избегнување на данокот, што се јавува во форма на воздржување од потрошувачка на производи што подлежат на данок, искористување на законските даночни олеснувања и слично.

Од друга страна, незаконската евазија ги опфаќа сите оние постапки насочени кон неплаќање на данокот со коишто се кршат законите. Целосната незаконска евазија се случува кога даночниот обврзник не ги прикажува битните елементи за оданочување, односно ги прикрива приходите, бројот на вработени, промет и слично… Делумното избегнување на данок е во случај кога даночниот обврзник не ги прикажал сите факти што се важни за оданочувањето.

Клучни фактори за спречување на незаконската даночна евазија може да бидат: едукација на економските субјекти за важноста од плаќањето даноци и продонеси; преземање мерки за навремено откривање на недозволената евазија; како и соодветна казнена политика.

Фото: Pixabay