
Енергетска класа на објект претставува годишна топлинска енергија, искажана во kWH/m2 , којашто треба да биде испорачана во објектот за да се одржи пропишаната внатрешна температура, којашто за најмногу објекти е 20 степени Целзиусови, при средна зимска температура. Ова стои во брошурата на Организација на потрошувачите на Македонија, под наслов Што ни кажува сертификатот за енергетски карактеристики на згради.
Енергетската класа на комерцијалните објекти е искажана како процент што укажува на уделот на годишната потреба за енергија за греење во однос на референтната вредност којашто е зададена како 150 kWH/m2 .
Инаку, сертификатот за енергетски карактеристики на згради е документ што е енергетска лична карта на објектот и ја покажува енергетската класа на објектот што може да биде од А+ (најдобра) до Г (најнеповолна). За новите објекти укажува на квалитетот што го има објектот во однос на заштеда на енергија, а за постоечките објекти зборува за начинот на којшто се користи објектот во однос на потрошувачка на енергија.
Сертификатот за енергетски карактеристики на згради го издава фирма со Лиценца за вршење на енергетска контрола, што мора да има најмалку двајца вработени енергетски контролори.
Овој вид на сертификати може да се издаде за станбени и комерцијални објекти, за објектот како целина или за негови посебни делови, како што се кат или стан, но под услови да можат да бидат третирани како засебни единици.
Сертификатите се издаваат со важност од 10 години, но доколку во тој период објектот претрпи значителна промена во термичката обвивка или техничките системи, треба да се издаде нов сертификат.
Фото: Pexels