Што е еспорт?

159

Еспорт претставува термин што подразбира организирано, натпреварувачко играње на видео игри на професионално ниво. Овој вид натпревари се играат за плата или одреден фонд на награди пред публика или преку интернет пренос, а се организираат според одредени правила во спонзорирани лиги или турнири.

Еспорт е инаку кратенка од електронско или дигитални играње на видео игри, а за прв пат се среќава во 1972 година. Првиот официјално организиран натпревар е одржан таа година на Универзитетот Стенфорд, а се играло Spacewar. Главна награда била годишна претплата на магазинот Rolling Stone. Првиот поголем натпревар е организиран во 1980 година, кога на едно место биле собрани над 10.000 играчи. Но, се верува дека зачетоците на еспортот започнуваат во 90-тите години од минатиот век. Турнирот Red Annihilation, одржан 1997 година, се смета за прв настан со којшто започнува ерата на еспортот.

Дигиталното спортување добива на популарност и поради спонзорите кои во овие настани препознаа потенцијал и можност за задржување и привлекување нови корисници. Производителите и дистрибутерите на хардвер секогаш имаат интерес за натпреварите, а публиката станува сè побројна.

Се проценува дека оваа индустрија годишно “врти“ околу милијарда долари, а поради потенцијалот за раст, во следните години се очекува зголемување на овој износ.

Според интернет страницата esportsearnings.com, Норвежанецот Јохан Сандстеин е еспорт играч со најголем профит од 6,8 милиони долари, зад него е Финецот Јесе Ваиника со 6,4 милиони долари, а трет е Австралиецот Анатан Фам со 5,9 милиони долари.

Фото: Pixabay