Што е event management?

156

Event management е уште еден од оние поими коишто се одомаќинуваат во нашиот јазик, особено во речникот на маркетингот. Наједноставниот превод на овој поим е организација на настани.

Во последните 10-тина години расте бројот на настани кои бараат севкупна организација, почнувајќи од организација на венчавки, преку политички кампањи, до концерти и деловни настани. Проценките говорат дека на годишно ниво во светот се одвојуваат околу 500 милијарди долари на организирање најразлични настани.

Станува збор за процес што започнува со планирање на сите потребни детали, за да може настанот да привлече поголема публика, медиумско внимание и да ја испрати потребната порака до целната група.

Зад организација на поголеми настани вообичаено стојат големи тимови, коишто имаат задача да ги испланираат дури и најситните детали, но и да имаат план Б, бидејќи никогаш не се знае. Предвид секогаш треба да се имаат: соодветна локација, храна и пијалаци, озвучување, осветлување, покани, гости говорници, логистика, сместување, изјави за медиуми… и безброј други ситници, кои само навидум изгледаат така, а бараа многу внимание, грижа, финансии и време.

Event management е во тесна врска со односите со јавност. Иако можеби во одредени сегмент може да се поклопат, сепак станува збор за различни поими. Односите со јавност ги опфаќаат сите канали на комуникација што компанијата ги гради со целната група или публиката, а event management е една од алатките што на тимовите што се занимаваат со односи со јавност им стојат на располагање.

Она што е сосема јасно дека во оваа работа не може да се камуфлира ниту една грешка. Било каков пропуст би можел да доведе до дебакл, затоа е важно да се одберат вистинските луѓе на правото место и во најсоодветното време, секако поддржани од сите битни “ситници“.

Фото: Pixabay