Што е франшиза?

5540

fransiza

Фото: Pixabay

Франшизата претставува форма на соработка меѓу продавачот на франшизата (франшизер) и корисникот на истата (франшизист). Франшизерот го нуди својот бренд и таканаречениот know – how, а за возврат наплаќа одреден надмест од давањето на франшизата, додека франшизистот на тој начин стекнува право и можност да го применува тој деловен модел.

Овој вид на соработка најчесто е за подолг временски период, каде двете страни имаат права, обврски и одговорности едни кон други. Франшизата овозможува претприемачот да води сопствен бизнис под нечиј веќе етаблиран бренд. Кога некоја компанија се наоѓа во позиција на франшизист и понатаму суштински работи како и претходно на сопствен ризик, со сопствени ресурси, но под туѓо име. На тој начин, туѓиот бренд е дополнителна гаранција за поголема препознатливост и поголем број клиенти, а со тоа се намалуваат шансите за деловен неуспех.

Основната обврска на продавачот на франшизата е да ја обезбеди потребната лиценца, со што се овозможува правна согласност за водење на бизнисот. Но, од франшизерот се бара и постојан трансфер на знаење за водење на бизнисот додека трае договорот за франшиза. Од друга страна, обврската на примателот на франшизата е да ги почитува и спроведува правилата на работа и редовно да го плаќа договорениот износ.

Во теоријата постојат повеќе видови на франшизи кои може да се класифицираат според различни критериуми, но суштински се разликуваат врз основа на видот на активности, видот на know – how што се пренесува и според начинот на кој франшизата е “организирана“. Франшизи според деловните активности, постојат: дистрибутивна, услужна, производна и мешана франшиза. Поделбата според видот на know – how што се пренесува, франшизата може да биде: за дистрибуција на производ и business format. Според организација на системот, франшизите се делат на: директна, повеќекратна, мастер и регионално застапништво.

Популарноста на франшизата лежи во поддршката што им се нуди на претприемачите, а тоа е формата на работа што им нуди успешен модел, пренесување на знаење, искуство и логистика.

Порталот Franchise Direct секоја година прави листа на 100 најуспешни компании, продавачи на франшиза. Од нив најголемиот дел доаѓаат од САД, но има и од Канада, Шпанија, Велика Британија, Франција, Јапонија, Германија, Шведска… Првите 10 продавачи на франшиза во светот се: Subway, McDonald’s, KFC, Burger King, 7 Eleven, Pizza Hut, GNC Live Well, Wyndham Hotels and Resorts, Dunkin’ Donuts и DIA.

Македонија можеби не е голем пример за користење на овој инструмент, но сепак постојат светски брендови во земјава како што се: Coca Cola, Pepsi Cola, Holiday Inn, Burger King, Helen Doron…

Историски гледано, компанијата за производство на машини за шиење, Singer во 1851 година, прва почнала да дава франшизи за дистрибуција на нивните машини. До крајот на минатиот век, франшизата претставувала само право на дистрибуција и продажба на добра, а во денешни услови таа претставува целосен формат на работа и пренесување на целосен бизнис модел.