Што е извештај за парични текови?

545

Извештајот за парични текови (Cash flow) е изведен финансиски извештај во којшто се прикажани приливите и одливите на готовина по основ на оперативни, инвестициски и финансиски активности во текот на пресметковниот период.

Извештајот се однесува за одреден временски период во којшто се прикажани промените во паричните текови предизвикани од промените во позициите на активата и пасивата.

Оперативните активности на компанијата ги чинат главните трансакции од кои произлегуваат оперативните приходи и расходи. Во овие активности ги вбројуваме: продажба на готови производи, услуги и стоки, плаќање на обврски кон добавувачи по основ на набавка на материјали, плаќање на различни трошоци и слично. Од сите овие трансакции произлегуваат приливи и одливи на готовина во компанијата. Нивната разлика претставува нето паричен тек од оперативни активности. Тие влијаат на билансот на успех, односно влијаат на приходите и расходите на компанијата.

Инвестиционите активности се однесуваат на вреднување и селекција на инвестиции, чиј рок е подолг од една година, односно вложувања чии ефекти се очекуваат за долг временски период. Најчесто се во форма на набавка или продажба на недвижнини, постројки и опрема, нематеријални средства… Од инвестиционите активности произлегуваат примања и издатоци на готовина, а нивната разлика е нето паричен тек од инвестициони активности.

Финансиската активност подразбира трансакции со коишто се детерминираат односите на компанијата со своите партнери кои ги обезбедуваат изворите на финансирање (кредитори и акционери). Односите на компанијата со сопствениците на капиталот и доверителите ги креираат паричните примања (земање кредит, емисија на обврзници, емисија на акции) и парични издатоци (исплата на дивиденда, враќање на главнина од кредит и слично). Нивната разлика е нето паричен тек од финансиски активности.

Целта на извештајот е да ги прикаже паричните текови на компанијата, класифицирани според горенаведените активности. Од извештајот може да се добијат информации за влијанието на тие активности врз финансиската состојба и промените во готовина и готовинските еквиваленти во текот на пресметковниот период.