Што е капитал?

1559

 

evra-zapcanici-pixabay

Капитал претставува вредност во парична или материјална форма што се инвестира во производство или некоја друга економска дејност со цел да се остварува добивка на долг рок. Основната намена на капиталот е поддршка и зголемување на основната вредност на компанијата.

Една од основните поделби на капиталот е на физички и финансиски. Физичкиот капитал има своја материјална форма и е важен за извршување на виталните функции на компанијата. Во таа група спаѓаат: опрема, машини, објекти и слично. Од друга страна, финансискиот капитал опфаќа готовина, хартии од вредност и слично.

Исто така, важна поделба на капиталот е според сопственоста. Па така, капиталот може да биде сопственички или позајмен. Сопственичкиот капитал во секое време му стои на располагање на менаџментот без дополнителни трошоци, додека за позајмениот капитал компанијата мора да плаќа одреден надоместок.

Доколку една компанија има правен облик на акционерско друштво, својот капитал го прибира преку емисија на хартии од вредност. Капиталот се прибира преку емитување на обични и приоритетни акции, но може и со издавање на должнички хартии од вредност (обврзници).

Освен физичкиот и финансискиот капитал, за секоја компанија од клучно значење е и интелектуалниот капитал. Еден од основните елементи на интелектуалниот капитал се човечките ресурси што се однесуваат на акумулирана вредност на инвестиции во образование, стручност и обука на вработените.